Премиерот Оливер Спасовски во интервју за „360 Степени“ зборуваше за вонредната седница на шпанскиот Сенат за ратификување на протоколот за членство на С. Македонија во НАТО.

„Сакам да се заблагодарам на шпанската влада, на шпанските парламентарци за посветеноста во тоа Република Северна Македонија час поскоро да го добие членството во НАТО. На 17 март веќе е закажана седница на Сенатот, и тоа прва таква седница која ќе вклучува и гласање од дистанца, електронско гласање, а дел од пратениците ќе присуствуваат, само со единствена точка на дневен ред – ратификација на Протоколот за НАТО. Тоа е голема порака и големо признание за С. Македонија за се она што го направи во изминатиот период и за посветеноста кончено С. Македонија да стане 30-та членка на НАТО“, рече Спасовски.

Тој рече дека потоа следи предавање на тој протокол, па предавање на нашиот протокол во депозитарот во Вашингтон, а потоа официјалната церемонија за подигнување на знамето пред седиштето на НАТО во Брисел, иако ова ќе зависи од развојот на настаните со коронавирусот.