Премиерот Оливер Спасовски ги повика граѓаните на одговорност и свесност да ги почитуваат препораките на Владата за спречување и заштита од коронавирусот. Тој најави дека доколку има потреба, ќе бидат донесени и порадикални мерки. Кризната состојба во Дебар и центар Жупа ќе трае 30 дена.

Иако е пазарен ден, денеска во Дебар е речиси празно. Движењето е значително намалено. За разлика од претходните два дена кога вработените во маркетите и другите трговски дуќани имаа премногу работа и се обидуваада одговорат на големата побарувачка на одредени производи, денеска сликата од овој регион е сосема поинаква. Како во Дебар така и во Центар Жупа движењето е сведено на минимум, а од своите домови излегуваат само оние кои имаат неодложна работа или потреба да купат храна или лек.

Премиерот Оливер Спасовски денеска соопшти дека првата ноќ откако е прогласена кризна состојба во Дебар поминала мирно и дека жителите на оваа општина и Центар Жупа ги почитувале препораките. Преземени се сите мерки и активности за справување со ширењето на коронавирусот, а сите институции и експери ангажирани за спроведување на акцискиот план за импелментација на одлуката за кризна состојба се на терен, соопшти премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција во Владата.

Владата воведе кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, откако во Дебар беа утврдени уште четири случаи на коронавирус. Кризната состојба ќе трае 30 дена, информираше премиерот Спасовски. Тој се обрати до жителите на двете општини, кои ги замоли да не паничат.

„Во оваа прилика посебно им се обраќам на граѓаните од Дебар и Центар Жупа. Ова е најдоброто решение. Ова е решение кое најбргу ќе даде резултати. Ве замолувам да нема поголема паника. Воспоставен е организиран и институционален систем, ќе ги покрие сите аспекти за грижа за граѓаните во овие подрачја. Ќе ги обезбедиме сите услови за да ги добиете најдобрите здравствени мерки. Во Дебар, Центар Жупа и сите населени места ќе има услови за функционирање на производството на храна, аптеките, болниците, а пак банките, комуналните служби и поштата ќе работат по скратено работно време“, изјави Спасовски.