Лидерот на СДСМ и поранешниот премиер Зоран Заев во денешниот дуел со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, во “Отворено студио” на 24 телевизија, го окарактеризира однесувањето на Мицкоски за време на пандемијата како неодговорно и срамно и апелираше дека политичарите мора да се однесуваат одговорно бидејќи тие се пример за граѓаните.

“Политичарите треба да бидат пример за граѓаните. Голема е разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и помеѓу мене и Мицкоски. Тоа го видоа граѓаните во целиот овој период. Постојано имаше лаги и манипулации, постојано ги делеа лекарите и медицинските сестри на провмро и просдсм. Срамота е тоа да го правите на луѓе кои работат по 24 часа на ден посветени на здравјето на луѓето. Дефинитивно видовме дека неодговорноста ваша лична е истовремено и пример за граѓаните. Прво одевте во теретана, па во кафана, па гушкање, па групирање. Што беше тоа вчера во Куманово? Па, вас не ви е воопшто гајле за граѓаните дали ќе се заразат, само пусто да се победи на изборите и да се дојде на власт. Таа ви е изгубена битка. Не е коректно да ги избегнувате институциите и да се криете во кафаните. Чесно ќе беше да кажете дека сте згрешиле и дека нема да се повтори повеќе. Два часа ве криеја и сокриваа хард-дискови во таму некакви буриња. Срамота е тоа! Тоа што го правите е само лош пример за граѓаните, воошто не водејќи грижа за нив. И на крајот, на 8 јули имавте проблем да одите на избори, на 15 јули немавте проблем?!” – запраша Заев.