Дојде денот од устата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ да слушнеме дека неговиот поранешен лидер, почесен претседател на партијата и ментор, Никола Груевски е минато свршено време?! Само што на Николоски доцна му дојде на ум да се дистанцира од Груевски бидејќи е повеќе од јасно дека сето ова е фарса, а еве и зошто:

    1. За информација на Николоски, минато свршено време служи за да се искаже минато, заокружено и завршено дејство. Ама Николоски, познат како лојален соработник на Груевски и негова десна рака, заборава дека со амин на азилантот се најде како носител на ИЕ 4. Николоски изминатиот период беше чест гостин во Будимпешта, а народот секако треба да верува дека патувал чисто од туристички побуди во посета на најдобриот европски пријател Орбан, заштитникот-спасител на Никола Груевски?! Последната ваква посета беше на 9 март 2020 година, кога епидемијата ја имавме на вратата, а за Николоски тоа е минато време бидејќи заради безбедносни причини беа затворени границите. Да не беа затворени границите, веројатно екскурзиите сè уште ќе беа сегашно време?!

2. За информација на Николоски, тој беше меѓу првите луѓе што се обидоа да се качат на бродот за спасување после бурата што ја направи најпознатиот бегалец во Унгарија. Прв го качија на бродот, ама за жал не одеше баш сè според плановите, па пустата желба за амбасадор во Брисел се изјалови. Дали сака Николоски да каже дека Груевски немал никаква врска со ваквиот предлог?!

3. Еве да не заборави Александар Николоски колку ревносно, до последно, се бореше за продолжување на векот на еден од најголемите диктатори во модерна Европа што за 11 години владеење ја врати земјата 111 години назад. Оној што се борел и бранел диктатура, денес е носител на изборна единица и сака да биде битна политичка фигура. Зошто? За да ги продолжи епохалните дела на менторот кој менторира на дистанца?!

4. Да се потсетиме дека Николоски со ист жар како што го бранеше Груевски, неосновано напаѓаше секој која сакаше да се казнат учесниците во режимот за да може државата да сврти нов лист и да тргне напред. Така стана познат по своите неосновани клевети, напади, лажни вести и манипулации, а за тоа има и судска пресуда на која треба да се потсетува од време на време бидејќи изгледа лекцијата слабо ја сфатил.

5. За кредибилитетот на Николоски има многу да се зборува, но ќе почекаме обвинителството да провери каква е улогата на вториот човек во ВМРО-ДПМНЕ во случајот “Пајажина” која се однесува на субверзивни активности за уривање на Преспанскиот договор и за перење пари кои доаѓале од една источна држава со светско влијание, а износите се во милиони евра?!

И за крај, изјавата на деценијата од продолжената рака на азилантот: “Никола Груевски е минато свршено време?!” Дали?!