Конструкциите што секојдневно ги пласира ВМРО-ДПМНЕ не можат да го сокријат неработењето на градоначалничката од нивните редови, Данела Арсовска, изјави Рената Јајоска, советничка во Советот на Град Скопје.

„Се ближат првите 82 дена од мандатот на Арсовска а таа не сработе ништо во интерес на градот и на скопјани.

Во овие два и пол месеци од мандатот, Арсовска ќе остане запаметена по 109 партиски вработувања во Град Скопје, по партизација на Јавните претпијатија и установи во надлежност на Градот и по прекинатиот проект Бас рапид транзит.

Колку Арсовска знае да менаџира покажува и фактот што Градот додели пет милиони денари или над 80.000 евра на ЈП Градски Паркинг, во време кога на предлог на Арсовска се намалува цената за паркирање“, посочи Јајоска.
„И Арсовска и останатите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ги игнорираа проблемите со парното греење и ги оставија скопјани на цедило.

Ваквиот однос на Арсовска покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена.

Оваа партија и нејзините градоначалници не работат за интересите на граѓаните и општините, туку единствено за партиски и личните интереси.

Град Скопје, општините и граѓаните не заслужуваат вакви неодговорни и нечесни градоначалници“, посочи Јајоска.