Дополнителниот заменик на министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, очигледно сакајќи да се саморекламира, изгубил од вид дека административните службеници не се мајмуни од непристапната африканска џунгла, туку луѓе со право на приватност и лично достоинство кои никој не може и не смее ненајавено и без нивна согласност да ги снима, па макар и во службени простории.
Вчера младиот заменик министер одлучил да изврши ненајавена контрола на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Берово. Нејсе, контролата може да биде најавена и ненајавена. Типот се одлучил за ненајавена. Но, со себе си повел и снимател, со камера. Снимателот, негов човек, снимал и снимил. Ги снимал вработените административнци онака како што ги затекнал во канцелариите. Типчето, дополнителен, ги објавило снимките во медиумите. Ги гледале многу граѓани. Ги погледав и јас. Од контрола не видов ништо. Видов само една кратка прошетка низ ходникот и канцелариите на подрачната единица, во траење од се на се четири минути и тензично обраќање од негова страна кон службениците проследено со прекори дека имало забелешки на нивната работа, без да ги каже кои се забелешките за да можат луѓето да се корегираат. Слушнав и забелешка од раководителот на подрачната единица дека снимањето е ненајавено.
Толку за настанот. Сега да видиме што кажуваат Уставот и Кривичниот законик во врска со тоа.
Прво Уставот. Тој во членот 25 вели: На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на неговиот ЛИЧЕН и семеен живот, на ДОСТОИНСТВОТО и угледот.
Одиме на Кривичниот законик. Во членот 152 став 1, Закоников кажува: ТОЈ ШТО НЕОВЛАСТЕНО ЌЕ НАПРАВИ фотографски, ФИЛМСКИ ИЛИ ВИДЕО СНИМКИ НА ДРУГО ЛИЦЕ или на неговите лични простории без негова согласност, ПОВРЕДУВАЈЌИ ЈА НЕГОВАТА ПРИВАТНОСТ ИЛИ ТОЈ ШТО ТАКВИТЕ СНИМКИ НЕПОСРЕДНО ГИ ПРЕНЕСУВА НА ТРЕТО ЛИЦЕ ИЛИ МУ ГИ ПОКАЖУВА ИЛИ НА ДРУГ НАЧИН МУ ОВОЗМОЖУВА СО НИВ ДА СЕ ЗАПОЗНАЕ, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Овој став го санкционира неовластеното снимање од страна на обичните смртници, оние без никаква функција. Но дополнителниот заменик министер, не е обичен смртник, туку службено лице. На него се однесува ставот 2 кој вели: АКО ДЕЛОТО ОД СТАВ 1 ПРОТИВЗАКОНИТО ГО СТОРИ СЛУЖБЕНО ЛИЦЕ ВО ВРШЕЊЕ НА СЛУЖБАТА, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Јасно, да не може да биде појасно.
Понатаму во член 143, Законикот вели: ТОЈ ШТО ВО ВРШЕЊЕТО НА СЛУЖБАТА малтретира друг, го застрашува, го навредува или ВООПШТО СПРЕМА НЕГО ПОСТАПУВА НА НАЧИН СО КОЈ СЕ ПОНИЖУВА ЧОВЕЧКОТО ДОСТОИНСТВО И ЧОВЕКОВАТА ЛИЧНОСТ, ќе се казни со затвор од една до пет години.
Ајде сега да ја видиме правната заштита на „приватноста“ и „достоинството“ на мајмуните (а се разбира и на другите животни) во Конго, Кенија, Зимбабве, Боцвана и други африкански земји во кои живеат „нивните височества“. Според она што сум го читал и она што пред повеќе години ми го објасни мој колега од Африка, со кој имав чест да се дружам на еден меѓународен курс за правна поддршка на мировните операции, никој не смее ни да помисли да оди на фотосафари во националните паркови и резервати и да ги снима мајмуните и другите нивни животински „сограѓани“ од пониските стадиуми на еволуцијата, без дозвола од надлежен државен орган и без да плати добри пари. Може да ги снима само оние кои живеат во непристапните и опасни делови на џунглата. Но и таму не може да отиде без дозвола од надлежен државен орган. Да не зборуваме за мајмуните во зоолошките градини. На типот нема да му дозволат да ги снима без знаење на надлежните од управата и во оваа нашава – скопскава, а камо ли во оние по африканските главни градови. Да заклучиме. Во Африка многу подобро се заштитени „приватноста“ и „достоинството“ на мајмуните од страна на властите, отколку приватноста и достоинството на луѓето во Македонија од страна на некои ДПМНЕ – вски функционери.
Темелко Ристески