Со потпишувањето на Гранскиот колективен договор меѓу Министерството за информатичко општество и администрација и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), се уредуваат поголеми и поповолни права за административните службеници.
Колективниот договор на вработените меѓу другото им гарантира флексибилно работно време, исплата на регрес за годишен одмор, дневници за службено патување, платено отсуство заради лични и семејни околности, како и плата за време на штрајк.
До крајот на годинава вработените ќе добијат К-15 во износ од најмалку 9.000 денари.
Со овој колективен договор се опфатени околу 17.700 вработени во органите на државната управа, судовите, јавните обвинителства, казнено поправните домови, локалните самоуправи, агенциите и други органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.
Социјалниот дијалог претставува обединувачки механизам за социјалните партнери, а потпишувањето на гранскиот колективен договор меѓу Министерството за информатичко општество и администрација и Синдикатот на УПОЗ покажува дека Владата го става интересот на работниците како највисок приоритет.