Две лица се приведени, а полицијата врши претреси во врска со убиството на матичниот лекар Ацо Трповски. Ова синоќа го обелодени техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.

-Се врши претрес на одредена локација. Имаме осомничени луѓе за убиството, има одредени материјални траги кои нѐ водат до овие осомничени, две лица се приведени и се надевам дека во најкратко можно време ќе можеме да излеземе со детали за овој дел од истражните дејствија, изјави Тошковски во поткастот „Претрес“.

Министерот додаде дека според првичните наоди, мотивот за убиството не е поврзан со професијата.

Претходно беше соопштено дека инспекторите за насилен криминал прегледале повеќе од 40 снимки од безбедносни камери, а разговарале и со повеќе од 15 луѓе во обид да го идентификуваат убиецот. Се анализирале и доказите собрани од увидот на самото место.

67-годишниот лекар со убодни рани беше пронајден во сопственото возило „киа“ на паркингот пред поликлиниката „Железара“. Го пронашол неговиот син, кој тргнал да го бара, откако тој не вратил дома по завршување на смената. Кога пристигнале лекарите од итната медицинска помош било доцна. Констатирале смрт, а по налог на обвинител телото го предале за обдукција.

Лекарската комора го осуди убиството и побара истражните органи веднаш да го расветлат убиството.

-Никаков вид насилство во општеството не смее да се толерира, бидејќи насилството не е соодветен начин на кој се решаваат проблемите. Истакнуваме јавно барање надлежните институции итно да постапат за овој случај и да ги преземат сите неопходни мерки за да ги утврдат околностите во кои се случил настанот и соодветно на тоа да го пронајдат сторителот и да го санкционираат, се вели во соопштението од Лекарската комора.

Во понеделникот од 12 до 16 часот, матичните лекари од приватното здравство не работеа во знак на револт. Бараа поголема заштита на нивните колеги.