Обвинителката Фатиме Фетаи во својата жалба за пресудата на судијата Душан Јосифов, кој му одреди една година и шест месеци затворска казна на Никола Груевски за случајот „Шамари во Центар“ при тоа наведувајќи дека не може да биде поголема затоа што е татко на две деца, прашува зошто тогаш поранешниот премиер избегал од земјата и ги оставил.

„Неговиот акт, акт на лице кое побегна и ги остави и сопствените деца, ја минимизира, ако не и целосно неутрализира околноста што Судот ја наоѓа и цени како олеснувачка – дека е татко на две малолетни деца“, напишала Фетаи во жалбата.

Фетаи е незадоволна од првостепената одлука за казната одредена кон Груевски како поттикнувач на насилните протести пред Општина Центар и поднела жалба до Апелациониот суд Скопје, објави СДК.

Таа стравува дека ваквата казна ќе застари за шест години од правосилноста. Бара максимална казна, а за второобвинетиот Миле Јанакиески и за уште тројца од вкупно шестемина, кои беа осудени условно, бара ефективни затворски казни.