Одѕивот до 18.30 часот на седмите претседателски избори е 48,44 отсто од гласачите, според податоци од 3174 гласачки места. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски соопшти дека гласале 801.074 граѓани.
„Според податоците за излезност кои се пристигнати досега најголемата излезност, како и досега, е забележана во Новаци од 71,07 отсто, додека најмалата излезност е во Центар Жупа од 16,90 отсто. Во текот на денот гласањето се одвиваше мирно и без поголеми инциденти на гласачките места“, рече Даштевски.
Уважени се 134 приговори и на граѓаните им е овозможено избирачкото право. На бесплатната телефонска линија 0800 555 44, која беше активна во текот на целиот ден има 10 јавувања, а преку видеоповик на телефонската линија 074 488 360 информации побарале осум лица со оштетен слух.
Гласањето ќе се продолжи онаму каде што е прекинато повеќе од еден час. Такви се едно место во Демир Хисар, едно место во Липково, едно место во Делчево и едно место во Могила.
На три места во Куманово имало прекин на гласањето подолг од три часа поради што гласањето било прекинато. Претседателот Даштевски објасни дека за овие три места во Куманово ќе има прегласување само доколку се утврди дека можат да влијаат на конечниот резултат.