Бугарското државјанство и личната карта на независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка на Скопје може да има влијание кај специфична група граѓани, но кај цврстото гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ не, бидејќи ним и не им било грижа за тоа, вели за „Слободен печат“ политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

-Да бев јас кандидат и освен македонско да имав и друго државјанство ќе им кажев на гласачите – да, имам. Тука нема кривично, туку станува збор за морално дело. Повеќе илјади македонски граѓани имаат бугарски пасоши и тоа не е казниво. Ова ќе влијае на граѓаните кои се премислуваат дали да излезат на гласање и ако излезат, тогаш ќе гласаат против Арсовска. Кога партиите излегуваат со такви документи претходно прават процена кого таргетираат. СДСМ проценило дека објавата за бугарското државјанство и лична карта на Арсовска ќе има влијание врз гласачите. И не случајно тоа се објавува во ист ден кога бугарскиот претседател Румен Радев имаше средба со претставници на бугарски здруженија од Македонија. Процената на гласачите ќе биде од морален аспект дали ќе излезат и дали ќе гласаат против Арсовска – вели Муслиу.