Владата на Северна Македонија не само што овозможи континуитет на воспитно – образовниот процес за време на пандемијата, туку токму во овој период ги иницираше и започна со имплементација на најкрупните образовни реформи кои досега се случиле во државата и тие треба да го трансформираат националниот образовен систем во современ модел, кој ќе ги интегрира новите стандарди за квалитет и ќе одговара на глобалните образовни трендови.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на министерскиот состанок кој во организација на УНЕСКО денеска и утре се одржува во Париз, како подготвителна активност во пресрет на Самитот за трансформација на образованието што во месец септември ќе се случува во Њу Јорк.

„Пандемијата на кратко ги затвори образовните установи кај нас, па учењето се спроведуваше на далечина, преку ИТ уреди, телевизија и слично. Но, многу брзо се прилагодивме на новата состојба и од денешен аспект, можам да кажам дека здравствената криза донесе една голема придобивка за нашиот образовен систем, а тоа е забрзувањето на процесот на негова дигитализација“, рече Шаќири.

Министерот истакна дека во изминатите две години, Владата со поддршка на повеќе домашни и меѓународни фактори како УНИЦЕФ, Светска Банка, ОЕЦД и други направи план за целосно реформирање на основното образование со фокус на наставата, инфраструктурата и наставниот кадар.

„Донесовме нов Концепт за основно образование кој ги содржи главните препораки на меѓународни и домашни експерти за тоа како треба да изгледа современиот воспитно – образовен процес. Ги насочуваме младите да учат со разбирање и така тие стануваат подобро подготвени за понатамошна образовна надградба. Започнавме со етапна изработка на нови наставни програми и учебници. Се фокусиравме и на образовната инфраструктура и навајжно се насочивме кон подигнување на мотивацијата за работа на наставниците преку подобри услови за работа, повиски плати и воведување на можности за континуиран професионален и кариерен развој“, потенцираше министерот.

Говорејќи за идните планови на Министерството за образование и наука, Шаќири рече дека неодамна започна да се спроведува ново национално тестирање на знаењата на учениците од трето и петто одделение, а резултатите од истото, заедно со резултатите од меѓународните студии за проверка на перформансите на учениците како ПИСА и ТИМСС, треба да ги дефинираат идните правци на делување.

„Во меѓувреме, работиме на ревидирање на формулата за финансирање на основното образование и плановите за оптимизација на училишната мрежа, бидејќи тоа е директно поврзано со организацијата и квалитетот на наставата. Се врши и ревизија на сегашната методологија за интегрална евалуација и самоевалуација, како клучни инструменти за идентификување на областите на чие подобрување треба да работат училиштата“, рече министерот.

Покрај Шаќири, свои излагања на состанокот за тоа како да се забрза прогресот на образованието до 2030 година имаа и министрите за образование од повеќе други земји. Секој од нив ги презентираше првичните исходи од националните консултации кои се спроведуваа во изминатиот период и се утврдуваа најзначаните практики за интензивирање на развојот на образованието.