– Нашето учество на состаноците на Алијансата беше учество на членка на НАТО која покажа дека е можен брз прогрес, дека е можно да се почитуваат плановите и дадените ветувања, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска пред новите простории за мисијата на Северна Македонија во седиштето на НАТО.
– Зад мене се нашите простории како држава – членка на НАТО Алијансата и очекуваме до втората половина на март основните подготовки за нашата мисија овде да бидат завршени. Тоа значи дека нашата мисија, и политичкиот и одбранбениот дел ќе биде буквално дел од седиштето на НАТО, како што ние, Република Северна Македонија ќе бидеме и официјално дел од Алијансата, потенцира Шекеринска, која втор ден учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет во Брисел.
Пред состанокот на Северноатлантскиот совет, соопшти денеска МО, министерката Шекеринска се сретнала со турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, и се заблагодарила за континуираната поддршка од пријателска Турција за членство во НАТО.
– Нашата докажана соработка од партнерска, прераснува во сојузничка, нагласила министерката Шекеринска.
Министерот Акар порачал дека двете земји имаат исклучително блиски, пријателски односи, и оти поддршката и соработката ќе продолжи со висок интензитет и на билатерално и на НАТО ниво. Оваа соработка, оценил, претставува бенефит и за двете земји.
Состаноците на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана, денеска биле посветени на буџетирањето на одбраната, како и на мисијата на НАТО во Авганистан, „Одлучна поддршка”.
На состанокот за одбранбеното буџетирање, министерката Шекеринска истакнала дека средствата за одбраната континуирано растат од 2017 година и оти годинава буџетот е речиси дуплиран споредбено со буџетот за 2017-та. Северна Македонија, нагласила, е посветена на исполнувањето на препораките на НАТО за издвојување на два проценти од бруто-домашниот производ за одбрана, што веќе влијае исклучително позитивно на одбранбените капацитети на земјата, а со тоа и на НАТО – Алијансата.
На средбата на министрите за одбрана на НАТО и партнерите кои учествуваат во мисијата „Одлучна поддршка” во Авганистан, министерката Шекеринска порачала дека земјата останува посветена на главната цел на оваа мисија – мирен, безбеден и стабилен Авганистан.
На маргините на бриселските состаноци, денеска министерката Шекеринска организирала работен ручек со министрите за одбрана на Грција, на Словенија, на Црна Гора, на Хрватска, на Босна и Херцеговина, на Бугарија, на која се заблагодарила за поддршката од земјите од регионот во процесот до полноправно членство на земјата во Алијансата. Министрите за одбрана, стои во соопштението од МО, порачле дека регионот докажал оти има капацитет да биде извозник на мир и стабилност, дека земјите знаат да соработуваат и да придонесуваат кон колективната безбедност на евро-атлантската област.
ПРЕТХОДНО