Високо заразниот сој омикрон на коронавирусот создава помалку опасен тек на Ковид-19 од глобално доминантниот делта сој, но не треба да се карактеризира како „благ”, изјавија денеска лидерите на Светската здравствена организација (СЗО).

Шефот на клиничкиот менаџмент на СЗО, Џенет Дијаз, кажа дека претходните студии покажале дека постои намален ризик од хоспитализација поради омикронот, во споредба со делтата сојот, пренесоа британските медиуми.

-Опасноста е помала и за младите и за постарите, додаде Дијаз.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, изјави дека сојот омикрон не треба да се смета за „благ” бидејќи негативните рекорди паѓаат низ целиот свет, здравствените системи се поплавени и владите се обидуваат да го „скротат” вирусот, што досега уби повеќе од 5,8 милиони лица.

– И сојот, што е означен како ИХУ, првпат регистриран во 2021 година, исто така, е сој што СЗО го следи, но не циркулира низ целиот свет, додаде техничкиот директор на СЗО, Марија ван Керхове.

Таа предупреди дека омикрон нема да биде последната варијанта на Ковид-19.

-За жал, омикрон нема да биде последната варијанта, вирусот продолжува да се развива, нагласи Керхове.

Во својот неделен извештај, СЗО соопшти дека бројот на случаи во неделата до 2 јануари скокнал за 71 отсто во споредба со претходната недела, на 9,5 милиони, додека стапката на смртност паднала за 10 отсто на 41.000.