Каракачанов, во уште една крајно неодмерена изјава за бугарските медиуми, намерно или не, ја откри својата амбиција да биде премиер на Бугарија. Тој, во својата изјава го нарече македонскиот премиер Зоран Заев свој колега! Убаво е човек да има амбиции, но да се прогласи за премиер при постоечки, Бојко Борисов, тоа веќе излегува од границите на добриот вкус и пристојната јавна комуникација.

За жал, тоа не е крај на оваа крајно неумесна изјава на бугарскиот вицепремиер. Типично за најпримитивните балкански кабадаии во политиката, тој употреби речник својствен на разуздано биртијашко друштво собрано во некои ситни саати кога сите манири се удавиле на дното на флашата. Каракачанов, во истата реченица, го нарече својот „колега“ Бугарин, во контекст на изреката дека „ак’лот“ (паметот, на турски) на неговите сонародници им доаѓал наредниот ден. Употребата на самата изрека е неумесна, без оглед на темата или целта, бидејќи се работи за анахрона и шовинистичка, секако и вулгарна изрека, која не му прилега на еден висок државен претставник.

И со оваа, како и со многуте претходни изјави, Каракачанов само ја запечатува повампирената политика на негаторство и хегемонија кај дел од бугарските политичари, што наиде на едногласна осуда од сите држави членки на ЕУ и пошироко. Тој продолжува да ја држи тврдата негаторска линија која е во спротивност со сите можни принципи и стандарди во меѓународната политика и право. Тој единствено останува доследен на својата вулгарна, простачка и популистичка комуникација во јавноста која никому не му носи добро, а најмалку на бугарската меѓународна положба.

Веројатно, Каракачанов не знае или не сака да знае дека луѓе на високи општествени, политички и дипломатски позиции низ Европа, но и во неговата сопствена земја, ова однесување го нарекуваат апсурдно, во најблага смисла на зборот. Со неоснованата негаторска кампања, кое во целост се отсликува и во најновата изјава, Каракачанов го поткопува не само македонско-бугарското пријателство, туку и односите на Бугарија со останатиот прогресивен и демократски свет. Голем дел од бугарските интелектуалци, новинари, уметници, како и политичари, отворено и недвосмислено го осудуваат овој атак на македонската самобитност.

Целата колумна на Џабир Дерала за Цивил Медиа на следниот ЛИНК.