Начинот на кој Државната комисија за спречување на корупцијата полека се претвора во врвниот арбитер во државата за тоа дали некоја афера пласирана во јавноста има елементи на криминал или не, може да се покаже како ефикасен начин да се потроши кредибилитетот на едно независно тело чија општествена улога во сузбивањето на корупцијата е примарно превентивна, а не наменета за гонење криминал во начинот на кој се трошат јавните пари. Досегашниот углед на овој состав на ДКСК, до кој се дојде заради непартискиот начин на изборот на неговите членови, како и заради досегашната независност во нејзината работа – на чело со енергичната претседателка Биљана Ивановска – создава високи очекувања во јавноста дека Комисијата треба да ги замени сите други институции во државата за гонење криминал (пред сè Јавното обвинителство), иако таа не е ни законски ни кадровски ни технички ни буџетски „опремена“ и замислена да биде таа замена.

Со секоја објава на (потенцијална) афера – а неделното производство на скандали на нашава политичка сцена се одвива со дневно-политичко темпо со кое тешко се носат и „Нијагарините водопади“ по социјалните мрежи – Владата, опозицијата, невладините организации, медиумите и разно-разните „напатени“ поединци некако „по автоматизам“ ја повикуваат ДКСК „да го испита случајот“. Тоа, од една страна, е комплимент за работата на ДКСК, но и многу силен притисок за „развлекување“ на нејзините ограничени капацитети и овластувања во пресретнувањето на јавниот сентимент дека сè е сомнително и сè е корумпирано.

Во ДКСК има седум (7) избрани членови на Комисијата и уште дваесетина професионални стручни соработници во нејзиниот Секретаријат, со прилично „тесно“ дефиниран законски делокруг на работа – наспроти, да речеме, околу 350-400 обвинители во државава, со сите други истражни институционални капацитети кои стојат на располагање во десетина институции, со илјадници вработени во чиј опис е контрола и гонење на криминал, плус, практично, „безграничните“ законски овластувања што им стојат на располагање за во нивната работа да бидат ефикасни и ефектни „по допрен“ и по „недопрен“ глас.

Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивил медиа на следниот ЛИНК.