За време на полициски час одлучив сам да си направам мала прослава како мевлем за душа. Иако самоизолиран, клаустрофобичен на затворен простор, загрижен, а богами и исплашен од несреќата што го снајде светот и нашата татковина. Од страшната пандемија и закана по животот на нашите најблиски: деца, внуци, пријатели, комшии и на сите граѓани. Си доделив тајмаут, од „напорното” седење во пижами, зјапањето по портали и сурфање по историјата на планетата и по сеќавањата во мојата глава. Го изгаснав телевизорот, ги исклучив компјутерот и мобилниот, си реков да ја прославам оваа радосна вест: Северна Македонија го започнува најинтензивниот и најтешкиот ангажман во нашата долга децениска мачна и проблематична врска со ЕУ, конечно со голема извесност за среќен крај, кој веќе имам шанса и да го доживеам.

Си велам дали човек може сам нешто да прославува и да се радува во вакви моменти на сеопшта загриженост и страв? Па, ни по риба, моето омилено хоби, не се оди сам, а не да се шенлучи во време на зараза, кога секој час се објавуваат вести за новозаболени и починати, за економски колапс на државата, за нов бран на беда и мизерија.

По македонските беспаќа до ЕУ

Сепак, почитувани мои, си наточив една чаша вино да си наздравам сам на себе за изминатите 33 години, од 45 -те поминати во новинарството- главно потрошени по трнливите македонски беспаќа. Како да се стаса до Европа и да се стане членка на ЕУ, да почне европеизацијата на Северна Македонија за која треба стотина години повеќе отколку за  самото членство, тежок и долг процес за да од Балканец стане Европеец.

Да, да, си наздравив, испив неколку голтки од виното и низ главата како на филмска лента за миг ми поминаа повеќе од три децении. Толку траеше мојата прослава, брзо се вратив во реалноста да слушнам дека има уште заболени, со ужасна прогноза дека ќе стасаме до 2.000 заболени од коронавирусот. Прелетав преку вестите кои однапред ги знам во зависност од тоа на кој Тв канал сум и на кој портал и кој тоа фрла палаври, чифтиња и бензин на оган на ФБ.

Го ислушав внимателно, како и секој ден, доктор Венко Филипче, неговиот конзилијарен извештај и неговите илјада пати повторени апели како да се зачува здравјето на граѓаните. Човекот ме смирува и кога кажува лоши вести. Има нешто во неговиот сугестивен настап, одмереност, загриженост и преданост на професијата.

Го слушнав и Зоран Заев, според фактите и здравиот разум, најзаслужниот човек кој храбро ги урна блокадите кон Европа и НАТО. Го проголтав како жешка кнедла и неговото стравување за здравјето на државата и за болката на стопанството и на целата економија. Беше многу застрашувачки и загрижувачки. Не сум го видел ваков. Сега и Заев оди по тенок мраз, и се надевам дека вирусот нема да го спречи да ја донесе Македонија до точка од која нема враќање од европскиот пат. Таа опасност уште постои ако дојдат да управуваат со државата тие што не знаат што е компромис и толеранција.

Се разбира,  го слушнав и Христијан Мицкоски како плаче, божем е дете, оти не го играат децата бидејќи толку убаво се сокриле во антиката пред Христа тој и неговите другарчиња во играта криенка  што ги снемало и никој не можеше да ги најде на европскиот пат цели 15 години. Но, затоа беа многу присутни во изградбата на потемкинови села и нов антички идентитет, на зданија за џабалак купени плацеви.

Кај Франсоа Митеран со Анте Марковиќ

И еве одлучив со вас кои ме читате редовно, да ја споделам кратката радост и да ви го раскажам филмот што ми помина низ глава по долгоочекуваната вест дека Северна Македонија ги почнува преговорите со ЕУ во најблиска иднина. Прво што ми дојде на ум е мигот кога со познатиот новинар на Политика Дарко Рибникар, внук на основачите на некогаш најугледниот и највлијателен весник на балканските простори, подоцна и самиот главен и одговорен уредник на Политика, и уште неколку десетици новинари чекавме во дворот на Елисејската палата, премиерот на Југославија Анте Марковиќ да излезе од кабинетот на претседателот Франсоа Митеран. Бевме нестрпливи да ја слушнеме добрата вест дека Југославија е спасена од распаѓање.

Дарко, во тоа време дописник од Париз, беше добро информиран за тамошните прилики, ми шепна: Ако излезе Митеран на вратата да го испрати Марковиќ, што не го практикува за премиери, тоа значи дека го примил во својство на претседател и дека Југославија е спасена. Кога излегоа двајцата и кога Митеран го гушна југословенскиот премиер отрчавме со Рибникар да ја пратиме први веста која не само што ја спасуваше Југославија, туку беа обезбедени преку десет милијарди долари за брзи подготовки и експресно членство во ЕУ, се подразбира и во НАТО. Катастрофалниот резултат го знаете, хегемонизмот, национализмот и отпорите беа посилни. Југославија како потрошен историски модел се распадна со најголемо крвопролевање по Втората светска војна на европско тло.

Целата колумна на Ерол Ризаов за Дојче Веле на овој ЛИНК