Добро, де, насловот на овој текст е лажна вест. Ама затоа денеска има шанса да биде најчитаната содржина во македонскиот виртуелен свет. А со тој наслов – можев да ве „заведам“ и со стручна рецензија на ботоксираните гради на Кардашијан или со задникот на Цеца, на пример – сакам да ви „прошверцувам“ еден осврт кој, инаку, ни десет отсто од вас не би го прочитале, да не е скандалозното заглавје. Имено, се работи за вчерашното отворање на првиот културно-социјален простор во Скопје кој е резултат на јавно-граѓанското партнерство во областа на културата меѓу општината Центар и Асоцијацијата на независна културна сцена ЈАДРО.

Бидејќи: „Со тоа сакавме да покажеме дека се можни и поинакви начини на дејствување, содружништво и органско поврзување. Општество кое не сака да ја види важноста на ваквите, независни, критички колективи и кое не сака да ја верификува нивната вредност, не може да го има предзнакот демократско“, вели драгоцената Искра Гешоска, првата претседателка на ЈАДРО. Таа уште додава дека оваа пионерска институција, за чие отворање беа потребни повеќе години (!), „покажува дека соработката помеѓу граѓанскиот сектор и локалната самоуправа може да биде проникнувачка и оперативна, а не само флоскула која ќе остане мртво слово на хартија, популистички акт кој има рок на траење како на еден билборд“.

Оние што стигнале со читањето на оваа колумна до овде можеби го прават тоа и заради разбирањето дека не е сè во Македонија само корона, СДСМ, ДУИ и ВМРО… Има живот и после смртта на сивите мозочни ќелии потрошени на македонското политичко секојдневие. А, всушност, оваа соработка помеѓу општина Центар и ЈАДРО е поголема политика и поважна тема за опстанокот на нашата демократија, од дневната дијареа од партиски соопштенија. Ако успее центаров на ЈАДРО да стане средиште на динамична, локална, алтернативна културна сцена – а, нема зошто да не успее – тогаш сме веќе во срцето на смислата на демократијата која е секогаш, во крајна линија, локална, која треба да опстанува и да се развива без секојдневниот „надзор“ од државата чиј „природен“ нагон е да ја задушува критичката мисла.

Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивил медиа на следниот ЛИНК.