Самиот Филипче, пак, предупредува дека влегуваме во „нова фаза“ од заразата. Преведено, тоа значи дека бројките во наредните недели ќе бидат лоши и ќе одат „нагоре“, веројатно по сите жални основи. Речиси е сигурно дека ќе следува заострување на мерките за изолација, по примерот на Дебар и Куманово, и во други општини низ Македонија.

Истовремено, процентот на до сега заразени здравствени работници во светот е приближен на она што се случува и кај нас (околу 10 отсто од заразените, иако во земјите со најголем број случаи тие лоши статистики се повисоки) и тоа е резултат на ризикот на медицинската професија којашто е на првата линија на одбраната од вирусот. Според сите достапни споредбени информации, Македонија е релативно добро опремена и пристојно се носи во спротивставувањето со заразата. Но, да не заборавиме дека притисокот врз здравствените системи не го издржуваат ни најдобрите во светот. Всушност, секојдневно се соочуваме со нивниот драматичен распад.

Истото се однесува и за здравствените политики по разни земји. На пример, деновиве многу спомнуваната Словенија, којашто е рекордер по вирусно тестирање и по висок здравствен стандард во регионов, има 30-40 отсто повеќе смртни случаи од нас (ако сакате споредбени статистики, а не апсолутни бројки). Истовремено, во Унгарија се прават помалку вирусни тестови од Македонија.

Што значи тоа? Ништо. Бидејќи така беше вчера, а којзнае како ќе биде веќе утре. Сигурно е дека и Словенците и Унгарците го прават она што најдобро го умеат, како и ние. Но, ги земам Словенија и Унгарија како корона-пример за споредба, бидејќи таму се на власт пријателите на Мицкоски, додека овде технички владеат, главно, неговите „непријатели“. Па, можеби е попаметно за Мицкоски да сврти телефон до Јанша и до Орбан и да им пренесе некој совет од Филипче, наместо овде да дига тензии и да произведува смутови со политички заднини.

Време е за политичка конструктивност и поддршка. Оти ќе биде и полошо, пред да стане подобро. На таа, заедничка, рана сега сол не се дотура.

Целата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа на следниов ЛИНК.