Дамјан Манчевски, министерот за администрација и информатичко општество во техничката влада и потпретседател на СДСМ, во денешното издание на “Отворено студио” на 24 телевизија, со свој став во однос на ризикот кој го носи нереагирањето на министерот за внатрешни работи Чулев во услови кога гледаме јавни групирања и непочитување на пропишаните мерки.

“Ако го гледаме ставот на ВМРО-ДПМНЕ, контрадикторно е да бараат олабавување на мерките, а да викаат дека здравствените власти немаат контрола над ситуацијата. Неподелено е мислењето и на надворешните и на домашните експерти дека ние добро се справивме со кризата, а она што е клучно во следниот период и може да биде проблем е изјавата на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев дека некој него го тера да ги казнува граѓаните, а тој не сака да казнува. Во последните петнаесетина дена бевме сведоци на струшка литија, прослава на МВР, ифтарски вечери, и еве по 15 дена немаме никаква информација од МВР што е преземено против кого било којшто тие го сметаат одговорен за непочитување на мерките. Исто така не знаеме дали е постапено и по групирањето кај црквата Св. Спас, а и кај други јавно забележани групирања, немаме никаква реакција. А тоа води до тоа дека граѓаните се чувствуваат нееднакви, оние што ги почитуваат мерките и оние кои не ги почитуваат се исти, нема никаква последица по нив.

Факт е дека досега нема изречени санкции кон ниту еден којшто организирал каков било собир, формален, неформален или приватен. Предолго време траеше периодот на политика на неказнување, а сега веќе кога ќе одиме кон период на релаксирање на овој тип на рестрикции ние воопшто не сме ја постигнале целта со мерките кога оние кои биле задолжени да реагираат не реагирале. Господин Чулев е министер за внатрешни работи, тоа му е работа. И да е која било друга партија и кој било друг човек, тоа му е работа” – истакна Манчевски.