Претседателот на државата Стево Пендаровски во денешното издание на “Отворено студио” на 24 телевизија ја образложи својата одлука за прогласување нови 14 дена вонредна состојба. Имено, Пендаровски образложи дека одлуката е донесена со цел имплементирање на социјално – економските мерки за ублажување на последиците на пандемијата, а и заради фактот дека техничкиот премиер Спасовски го информирал дека во периодот што претстои се очекува склучување на кредитен аранжман со ЕБРД од околу 160 милиони евра.

“Владата мисли дека им е потребен подолг период за да се стабилизираат во социјално-економската област. Секој сака да има лагодна позиција, а јас мислам дека ако имаме консензус на следната лидерска средба, бидејќи очигледно сите партии сакаат избори во текот на летото, некои на почетокот, некои во средина, а некои на крајот, можеби ќе се договори датум, а од тоа ќе зависи мојата одлука за понатамошно постапување.

Мојата теза пред денешната одлука беше да се базирам на тоа ако Карџовски презенира дека одиме на подобро не гледам причина зошто ние би терале 30+30+30. Да не дадам воопшто не можам, има маса бизниси и економските консеквенци на кризата допрва ќе ги чувстваме, мора да се исплатат бизниси и луѓе, социјални категории и ранливи категории. Немаме Парламент, ако и Владата не може тоа да го прави, тогаш државата може да отиде во колапс” – објасни Пендаровски.