Прес- конференција на Диме Велковски, пратеник од СДСМ

 

Почитувани медиуми, почитувани граѓани,
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија како одговорна и домаќинска партија за само две и пол години спроведе бројни проекти за унапредување на инфраструктурата.
2019 година беше доказ за успешна година на полето на реализирани капитални проекти кои достигнаа високи 86 отсто. Се инвестираше во гасификација, железница, комунална инфраструктура, социјални станови.
Во 2020 продолжуваме по прав пат и реализација на уште повеќе капитални проекти.
Еден од најзначајните проекти што влегува во имплементација оваа година е проектот за поврзување на локални патишта, односно изградба и санација на локални патишта и улици во општините со вкупна должина од околу 450 километри во вредност од 70 милиони евра средства обезбедени од Светска Банка.
Како дел од вложувањата во инфраструктурата е и отпочнувањето на реконструкцијата и рехабилитацијата на патниот правец Крива Паланка – Деве Баир, односно до граничниот премин со Република Бугарија, патен правец кој  е само дел од Коридорот 8, еден од најзначајните коридори што ја поврзува оската Исток-Запад на југот на европскиот континент.
Токму, модернизацијата на Коридорот 8 е од особено значење за нашата земја и заради регионалното поврзување и соработка како еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија. Воспоставување на овој Коридор, ќе придонесе да се развие систем на превоз што ќе придонесе кон зголемување на трговската размена, во функција на подобрување на конкурентноста и развојот на економијата и комуникацијата со европските земји.
Проектот, вклучувајќи ја и доизградбата на железницата на овој коридор, има за цел да го поврзе Црното Море со Јадранско Море. Пошироко, тоа е коридор кој преку Бугарија, Северна Македонија и Албанија, ги поврзува Блискиот Исток и Азија со Европската Унија
Кога зборуваме за коридорот 8 мораме да истакнеме дека се работи интезивно по целата негова должина. Се подготвува санацијата за патниот правец од граничниот премин Ќафасан до Струга, интензивно се одвиваат работите на изградбата на автопат Охрид –Кичево, се заврши рехабилитацијата на автопат од Скопје до Куманово, а во претстојниот период ќе отпочне рехабилитација на делницата Куманово – Страцин во должина од околу 32 километри. Паралелно тече рехабилитација на постоечкиот регионален пат Ранковце – Крива Паланка која се очекува да биде завршена до март 2020 година.
Мошне значајно е да ја истакнеме  улогата на партнерството на Европската Унија и на нејзините финансиски институции, што воедно претставува и потврда за заложбите за европска интеграција на Република Северна Македонија и на Западен Балкан како геостратешка инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа базирана на заеднички вредности и стандарди.
Почитувани,
Вложувањата во инфраструктурата се уште една голема потврда и пример за тоа како вистински и домаќински се работи исклучиво во интерес на државата и граѓаните.
Додека ВМРО-ДПМНЕ инвестираа во барокни фасади и споменици, СДСМ преку  Владата која ја предводи, инвестира во нови патишта, канализации и водоводи, железници и многу други капитални инвестиции кои се од суштинско значење за развојот на нашата држава.
Затоа граѓаните на 12 април ќе порачаат – режим никогаш повеќе!