ВМРО-ДПМНЕ експресно застана во одбрана на Боки 13 со силни симпатии на вмровските медиуми кон довчерашниот „сдсмовски рекетар“. Што ти е битка за власт. Денес си криминалец и рекетар, а утре херој и невина жртва

Бојан Јовановски, алијас Боки 13, најпознатиот осуденик во земјава, прв ја отвори предизборната обложувалница. Своите девет години затвор ги стави како влог кладејќи се во изборна победа на шпицен кандидатот Христијан Мицкоски. Добро изигра хазардерот Боки. Откако падна пресудата рече: Парите од аферата „Рекет“ завршија кај Заеви. Ете кај отишле милионите евра кои до вчера во судскиот процес, при неговата одбрана, не постоеја.

Но, Боки наеднаш се присети и на други нешта, па поднесе повеќе кривични пријави против високи функционери на СДСМ и повеќе деловни луѓе за разни злоупотреби.

Оваа предизборна бомбона за опозицијата има висока цена. ВМРО-ДПМНЕ експресно застана во одбрана на Боки 13 со силни симпатии на вмровските медиуми кон довчерашниот „сдсмовски рекетар“. Што ти е битка за власт. Денес си криминалец и рекетар, а утре херој и невина жртва. Така, Боки лесно ја откри шансата дека само ако победи ВМРО-ДПМНЕ тој со својота „донација“ од кривични пријави кои ќе осамнат во медиумите и на социјалните мрежи има шанса да се спаси од долг престој во „Идризово“. Ако молчи секако губи, сега има барем 50 отсто шанси да се спаси. Тоа е есапот на Боки 13 направен во затворска ќелија. Колку ќе биде исплатлив ќе видиме по изборите, во зависност од тоа колку ќе има влијание врз гласачите ангажманот и поддршката на Боки 13 на ВМРО-ДПМНЕ во определбата на граѓаните на 15 јули.

Коалиции за да не се повтори грешката на Груевски

Меѓутоа, интересно е што речиси со исти мотиви како Боки 13, но со уште поголеми влогови, на предизборната кладилница настапија и големите политички партии. Па така, ВМРО-ДПМНЕ сиот свој политички, човечки и финансиски капитал го вложи пола – пола. Едната половина ја инвестира јавно во ДУИ, а другата тајно во Алијансата на Зијадин Села, со дополнителна можност „повикај пријател“.

Предизборната стратегија на Христијан Мицкоски е задоцнетото сознание дека нема влада и премиерска функција без коалиција. Мицкоски овојпат игра на картата да формира влада, па макар и да изгуби на изборите. Не сака да ја повтори грешката на Никола Груевски од минатите избори кога ВМРО ДПМНЕ извојува пирова победа. Победи на изборите, а ја изгуби власта, оти со компромитираниот партиски врв никој од релевантните политички партии не сакаше да коалицира.

Целата колумна на Ерол Ризаов за Независен на следниот ЛИНК.