Како што стојат работите, целиот напор на опозицијата е да не дојде до избори, секако не наскоро, тешко и за септември, а можеби ни зимава. Криза им треба, по секоја цена.

Големи пропагандни напори се прават за ширење паника во врска со продолжените ризици од епидемијата, но ниту домашните, ниту меѓународните, особено регионалните и европските трендови не им одат од полза. Епидемијата постои, некаде (како ова во Врање, на пример) се распалува по некој вирусен „џеб“, но владите во најголемиот број земји ги укинуваат или постепено ги намалуваат ограничувањата наметнати од здравствената криза. Сите најавуваат дека од јуни животот се враќа во каква-таква нормала, со продолжено почитување на анти-пандемиските мерки: дистанца, дезинфекција, маски, намалени патувања, продолжени забрани за големи спортски, културно-забавни и други собири.

Државите решаваат „да застанат на нозе“, не само заради тоа што на луѓето им треба општествен и економски живот покрај пандемијата, туку и заради подобра подготовка за можниот нов, есенски бран на обновување на трендовите на вирусната инфекција. И Харвард вчера потврди дека, до есен, топлото време ќе го намали ширењето вирусот. Во моментов, пак, во Македонија бројот на активните случаи е 0,02% од населението, во болниците се лечат само неколку десетици пациенти.

Отприлика четири петтини од јавноста во Македонија е на ставот дека власта добро се справи со големиот здравствен предизвик. Министерот за здравство Филипче споделува висок рејтинг во јавноста, незабележан за кој било македонски политичар до сега. Тој вели дека не е до него, туку до целиот тим што ја третира епидемијава и до сите здравствени работници кои се борат со неа. Тие рејтинзи се „заразни“, па подигнато е општото ниво за доверба кон институциите. Следствено, од фелата која се занимава со истражување на јавното мислење ми велат дека на сите понудени прашања за тоа дали власта или опозицијата подобро би ги решавала проблемите во десетина наведени области, во сите случаи јавната поддршка за власта е значително статистички поголема.

Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивил медиа на следниов ЛИНК.