Дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:
Да направиме една џепна, но амбициозно-ненаучна анализа, за најважното прашање за опстанокот на македонската нација денеска: Сте се запрашале ли некогаш зошто, баш, ракометот е „националниот спорт“ на Македонците?
Зошто таа игра на мал терен, во близок и интензивен контакт со противникот, со многу насилни пробивања, штипења и удари под појас, со кратки додавања и неопходност од постојана итрина во потезите, е спортот со кој најмногу се идентификува овдешната спортска нација? Спорт во кој судиите со своите арбитрарни одлуки, можеби повеќе од сите други екипни спортови, можат да ја решат судбината на секој натпревар? Но и спорт во кој, релативно почесто од некои други спортови, индивидуалните одлуки и перформансите на еден-двајца играчи можат да го решат натпреварот? Во кој дури и ако имате десетина килограми повеќе, можете да направите голема кариера на позиција на голман или во пеливанската борба на линијата од шест метри…
Зошто не успеваме во елеганцијата на тенисот? Во интелигенцијата неопходна за играње кошарка? Во тимскиот „долгометражен“ напор неопходен за фудбалот? Или во убавината на одбојката и пинг-понгот, каде дури и нема никаков допир со противникот? … Атлетика?
Зошто, баш, ракометот?
Спортот, што е социолошка аксиома, е дел од културниот идентитет на една нација. Спортското навивање е еден вид на „секојдневен национализам“ кој го засилува чувството на групната припадност.
Кога нацијата, како и нејзиниот културен модел, е така мала како македонската, нормално е човек да помисли дали големите разочарувања по поразите или епските воспевања на спортските успеси и вон нивниот спортски контекст не се, всушност, дел од несигурноста и потиснатиот страв за опстанокот на тој национален идентитет; и за постојаната потреба за потврдување на тој идентитет и низ спортот?
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот линк.