На 11 февруари годинава Гордана Јанкулоска изгледаше како македонска Електра. Еврипид во својата драма ги подготви овие зборови за несреќната ќерка на Агамемнон и Клитемнестра: „За најтешките страдања, јас сум причината“.

Признавајќи ја вината во случајот „Титаник“ за изборните злоупотреби поранешната министерка за внатрешни работи покајнички рече: „Сакам да испратам порака дека секој што се нафатил да извршува јавна функција, државна или политичка, мора да биде подготвен да се соочи со последиците од одлуките во кои учествувал“.

За Јанкулоска можеби тоа изгледаше како момент од кој ќе се ослободи од крастата која ѝ ја фрли поранешниот премиер Никола Груевски, а таа во годините и кога беше врвна личност во вмровските ешалони и во владата, не мислеше дека треба да се ослободи од неа што е можно побрзо. Сега, во ќелијата во затворот во „Идризово“ сигурно има многу време да размислува и можеби да се самообвинува – како можеше да ги направам злоделата за кои бев осудена и за кои признав вина. Признанието на вината не ја ослободи од затворска казна во „Титаник“ – со првостепена судска одлука таа доби 2,5 години затвор.

Недопирливоста не е божествена

И Миле Јанакиески ја сврте страницата на самообвинување по годините во кои и тој се чувствува како некаков антихерој од грчките трагедии. Од рочиште на рочиште, од еден судски процес на друг, од притвор во Шутка до притвор дома; па малку на слобода. Во истиот ден со Јанкулоска и тој призна вина во „Титаник“ додавајќи: „Ја користам можноста да упатам извинување до сите оние кои на кој било начин биле навредени и повредени слушајќи ги т.н. бомби. Се надевам дека ова ќе биде поттик кој би предизвикал промени во иднина“. Судот го ценеше ова покајание и му одреди 4,5 години затвор.
Целата колумана на Љупчо Поповски за Дојче Веле на следниот ЛИНК.