Бугарското вето за Македонија доаѓа во многу лош момент за сегашната власт, а и за целата држава. Многу енергија и надежи се вложија околу почетокот на преговорите со ЕУ, иако тој датум, инаку, има само симболична важност за процесот на преговарање – во годините што доаѓаат, сите ќе заборавевме кога и како почнале преговорите, преокупирани со сериозните општествени реформи што ќе требаше да се одвиваат под будното око на ЕУ!

Но, после сите домашни превирања со и по падот на Груевски; по успешно совладаните, а трауматични политички премрежија со Грција; како и по преживеаниот шок од француските идеи за одлагање на процесот на преговорите, ова сега требаше да биде некакво „крунисување“ на историскиот резултат, до половина остварен со зачленувањето во НАТО.

Нема да го биде. И тоа на најгрд можен начин: повторно негирање на идентитетот и елементарното право на сопствено толкување на историјата (се разбира, пристрасна е таа работа, како и насекаде и отсекогаш) и на суверенитетот на македонската држава. Пак ќе треба да се занимаваме со туѓите фрустрации, како да се наши. Ќе треба да докажуваме дека сме потомци на Супермен (барем додека и Холивуд не се јави за авторските права). А, малку сме веќе уморни од тоа.

Сето тоа се случува во контекст на ужасните општествени последици од епидемијата и секојдневното рушење на неславните смртни рекорди со неа. Мала е утехата дека половина од светот е во слична или полоша ситуација од нас. Заразата опасно се стега околу сите нас, а кога во земја од неполни два милиони луѓе ќе починат 1.300+ пациенти, стравот станува семеен, личен, без можноста од релативизирање дека тоа им се случува „на други“, бидејќи нашите кокошки „црвени јајца несат“.

Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивил Медиа на следниот ЛИНК.