Претседателот на Комисијата за здравство на СДСМ Венко Филипче, претседателката на Форумот на жени Снежана Калеска – Ванчева и градоначалникот на општина Прилеп Илија Јовановски, синоќа присуствуваа на документарната театарска претстава „Жени“, која се одржа во Народниот театар „Војдан Чернодрински“, по повод 4 февруари – Светскиот ден за борба против ракот, во организација на Форумот на жени на ОО СДСМ Прилеп.

Пред почнувањето на претставата, Филипче ги повика сите присутни да направат редовни лекарски контроли и со здрава исхрана и физичка активност да се грижат за сопственото здравје. Тој им порача на сите они мажи и жени кои се борат со ракот дека не се сами и Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз води вистинска здравствена политика за подобрување на здравјето на сите граѓани.

„Сега сите лекови се со сертификат за квалитет. За првпат сите жени со рак на дојка имаат терапија. Обезбедивме над 30 молекули скапа биолошка терапија, која претставува значаен чекор и најсилниот удар во борбата против ракот. Воведовме новина, а тоа е двојно читање на мамографиите од два независни читачи-радиолози. Би сакал да потенцирам дека за првпат обезбедивме и психолошка поддршка на пациентите, затоа што психолошката поддршка е една од најважните сегменти за успешно лекување на болестите“, изјави Филипче.

Претседателката на Форумот на жени Калеска-Ванчева истакна дека Социјалдемократскиот сојуз како политичка партија секогаш е идеолошки посветена на вредностите, а тоа е грижа за здравјето на нашите граѓани.

„Решавањето на секој проблем почнува тогаш кога ние ќе сфатиме дека имаме проблем и кога гласно ќе зборуваме. Болеста е проблем како и секој друг. Мора да биде препознаен за да биде решен. Ракот ако се дијагностицира навреме може да биде победен. Сакам во име на мојата организација да кажам дека СДСМ како партија секогаш идеолошки е посветена на вредностите, а тоа е грижа за здравјето на нашите граѓани. Колку што е институционална, толку е и индувидуална. Социјалдемократскиот сојуз и Форумот на жени и понатаму ќе продолжи со вистинска грижа и со подигнување на свеста за грижа за нашето здравје, но и креирање на вистински политики за да може да говориме за здрава нација“, рече Калеска-Ванчева.