Во вечерашното издание на дебатната емисија “Само вистина” на Канал 5 телевизија, политичкиот аналитичар и колумнист Ненад Јовановиќ, запрашан за коментар во однос на предложените носители на листи и кандидати во пресрет на претстојните избори направи паралела помеѓу понудата на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ:

“Во оваа политика во која сега се наоѓа Зоран Заев и на ова политичко поле на кое опстојува, на мекост, на инклузивност, на почитување на човековите права и медиумските слободи, јас сум на таа позиција од 2007 година кога јавно настапив против Груевски. Оттогаш па до денес, јас немам што да му замерам на Заев и на политиките што ги води.

Политичката листа на СДСМ е иманентно политичка, овие луѓе се со политичко портфолио, овие луѓе имаат тежина, имаат багаж, имаат решено многу важни политички прашања или истерале сериозни политички процеси до самиот крај.

Од друга страна, се решија магистралните политички прашања во оваа земја. Претходно сите играа со името, сите сакаа политички да профитираат, пари и кариери направија на тоа, тврдост на името и со Груевски и со другите влади.

Заев влезе во тоа без калкулација, свесен беше дека ќе биде оштетен како политичка фигура, а луѓето тоа го наградија бидејќи сите викаат дека најхрабриот потег го направил Заев со Преспанскиот договорот бидејќи реши едно митолошко прашање со Грција.” – додаде Јовановиќ.

Во продолжение се осврна и на листите на најголемата опозициска партија:

“Кога ќе ја видиш другатa страна, без лажна претенциозност, тоа се луѓе анонимуси во ВМРО-ДПМНЕ. Мислам на Муцунски, Дурловски, Силјановска. Јас разбирам да си надпартиски, граѓански, либерален, космополит.

Ама наднационален концепт ВМРО досега не развиле, тие немаат свест за наднационален концепт. Тоа значи дека си дел од партијата, ама не си директно во структурите на партијата.

Јас од вмровци очекувам сè – од овие вмровци. Тие се гордеат со некакоф професор. Се вознесуваат со луѓе кои не се политички писмени. Музичари не можаат да решаваат политички проблеми на граѓаните, тие не биле во таков политички имагинариум.

Никогаш повеќе Никола Груевски, никогаш неговите епигони коишто ги возат истите матрици, кои што се среќаваат во Будимпешта со Орбан и се вртат кон таа источна линија. Ова се децата, ученичињата, бебињата на Груевски. Барам свест во опозицијата, ама тие ги возат старите матрици на груевизмот кои мислат дека повторно ќе дојдат.” – заклучи Јовановиќ.