„Владата ќе поддржи раст на вкупната активност на бизнис секторот преку воведување на нови начини за финансирање и пристап до капитал. Согласно Планот за забрзан економски раст, стапката на вработување се предвидува да се зголеми на 51,1 отсто во 2024, а стапката на невработеност во 2024 да достигне 11,4 отсто додека за првпат да влезе во едноцифрена зона од 8,6 отсто до крајот на 2026 година“ кажа мандатарот на новата влада, Димитар Ковачевски во неговото експозе пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.

Како што кажа Ковачевски, клучна економска политика на Владата во наредниот период ќе биде креирање поголем и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со удвојување на стапките на економски раст на среден рок и тоа од 2,5 отсто, на 5 отсто просечен раст.

„Одржувањето на животниот стандард и куповната моќ на населението мора да се задржи и зголеми. За таа цел, една од првите мерки на новата Влада ќе биде поддршка на пензионерите, преку посебно зголемување на пензиите. Остануваме посветени и на подобрување на понатамошниот модел за редовно усогласување на пензиите“ кажа Ковачевски.

Тој истакна дека политиките на Владата се фокусираат и на намалување на младинската невработеност која што во време на Владата на СДСМ и коалицијата е веќе преполовена.