Декември е крајниот термин кога според уставните рокови ќе мора да одржиме избори, вели потпретседателот на СДСМ
Потпретседателот на СДСМ и министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски предупредува дека ако изборите за нов собраниски состав не се одржат што побрзо државата ќе влезе во критична ситуација кога ќе мора постојано да се продолжува вонредната состојба, затоа што во спротивно ниту владата нема да може да извршува законодавна функција.

„Одговорно е да имаме избори во првиот возможен рок, во моментот кога здравствените власти тоа ќе го препорачаат. Декември е крајниот термин кога според уставните рокови ќе мора да одржиме избори. ВМРО-ДПМНЕ се контрадикторни, бидејќи ако немаме функционално Собрание ќе влеземе во опасно сценарио, кога ќе мора вештачки да воведуваме вонредна состојба само за да го одржиме системот функционален. Тоа неодговорно“, порача Манчевски, на денешната дебата на Канал 5.

Тој смета дека е клучно да се почитува мислењето на здравствените власти кои сметаат дека во јуни, поради досегашните рестрикции, не очекува период на стивнување на епидемијата и затоа е неопходно изборите да ги организираме во тој период.

„ВМРО-ДПМНЕ се контрадикторни и неодговорни. Ние сметавме дека Собранието може да заседава, тие беа против тоа. Ако имавме активно Собрание, ќе бевме покомотни и ќе можевме да разговараме за избори во друг термин. Доколку во одредена ситуација нема потреба од вонредна состојба, а од друга страна немаме избори во првиот можен рок, како ќе функционира државата. Ние ќе треба вештачки да ја продолжуваме вонредната состојба за да имаме функционален систем, што не е добро. Влегуваме во опасно сценарио без парламентарна контрола. Ние сме одговорна власт, но ако ова трае предолго тоа не е добро за демократијата“, рече Манчевски, нагласувајќи дека и бизнис заедницата бара стабилност и предвидливост.

Тој потсети дека и и други земји, како Франција, Србија и Хрватска, брзаат да го искористат овој период за избори, во случај да има втор бран од вирусот.