Ако лиферуваме датуми, а од друга страна бараме вонредна состојба, значи не може да имаме фер претставување на сите учесници во вонредна состојба во изборната трка. Вчера имавме лидерска средба, прашањето е како одиме на избори, а денеска министерот за здравство Венко Филипче бара вонредна состојба, сега имаме или не услови за избори, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во ТопТема на Телма телевизија.

Осврнувајќи се на тоа дека првата вонредна состојба е донесена по одржување на седница на Советот за безбедност, а потоа и на лидерска средба, потенцира дека второто продолжување на вонредната состојбз се случила без лидерска средба и без да бидат, како што рече, запознаени лидерите. – Можеби е мал фаул процедурален, нема да замериме, но добро е да се спомене, рече Мицкоски.

Говорејќи за владината Уредба со која по укинувањато на вонредната состојба продолжуваат да течат изборните рокови, Мицкоски рече дека кога се носела таа на Влада имал телефонски разговор и со вицепремиерот Бујар Османи и со техничкиот премиер Спасовски и му рекол дека на овој начин ќе се доведеме во состојба утре да имаме проблем.

– Ќе ви откријам уште една тајна, техничкиот министер за внатрешни работи не гласаше позитивно за оваа уредба, гласаше воздржано затоа што ВМРО-ДПМНЕ уште тогаш предупреди на можните проблеми кои следуват. Но, тоа се привидни проблеми затоа што веќе во членот 6 ДИК е таа која што го утврдува календарот. Тие можат да го утврдат календарот откако ние веќе ќе дефинираме датум. Затоа е многу важно да имаме датум, рече претседателот на ВМРО – ДПМНЕ.

Според Мицкоски, не значи дека со крајот на вонредната состојба оваа Уредба веднаш ги одбројува оние последни 21 и 22 дена до избори. – Календарот во членот 6 на изборните активности го дефинира ДИК, а за да го дефинира потребна и е датум кога ќе се одржат тие парламентарни избори, рече тој.

Во однос на прашањето за тоа како би се одвивал самиот ден на гласање, Мицкоски меѓу другото ја отвори тема за тоа што ќе се случи ако тој се разболи во текот на кампањата и треба да се бори со вирусот, ако некој од кандидатите за пратеници или некои од луѓето со кои ќе бидат во допир. Може да се случи, истакна тој, една цела пратеничка листа да замине во самоизолација.

– Има многу прашања и дилеми кои од оваа перспектива за жал никој не би можел да одговори затоа треба да се стават на маса. Мора трезвено и одговорно да се однесуваме кон овие проблеми. Тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ како став го држиме цело време, истакна Мицкоски.