Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција за прв пат го коментираше исклучувањето на Максим Димитриевски од СДСМ со констатација дека тоа било негова одлука, тој се одлучил да истапи од СДСМ и да оди како независен кандидат.

Заев додаде дека самата партија му овозможила на градоначалникот на Куманово да направи политичка кариера и дека формално ќе биде исклучен на следниот централен одбор на партијата.

– Максим тргна против Максим. На централен одбор треба да го констатираме тоа што Максим го направи. Тоа го знае Максим, Статутот не е од сега направен. Однапред се познати правилата. Статусот е јасно достапен, претпоследниот е изменет со етички кодекс каде се даваат сите права и слободи, но и одговорности. СДСМ е исклучително демократска партија, која своите одлуки не ги носи врз основа на ставови на поединци. Таму е јасно дека ако се спротивставите на СДСМ, не можете да бидете член на СДСМ. Инаку може да се изразува незадоволство и спротивставени ставови, дури и ако тие не се согласуваат со оние на највисокото раководство, рече Заев.

Тој очекува кандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски, да го победи Димитриевски на 17 октомври.

– Во Куманово ќе победи тој што 30 години по ред победувал, а тоа е СДСМ. Не доминирала никогаш личноста, туку социјалдемократијата била водечка нишка. Олиовер Илиевски е секретар на СДСМ Куманово и имаме шанса уште во првиот круг да ја залужиме победата, прогнозира Заев.