Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска на прес-конференција го претстави предлог Граѓанскиот буџет на Министерството за внатрешни работи за 2022, кој целосно ги одразува заложбите и приоритетите на Министерството за внатрешни работи – континуирано системско реформирање на полицијата, преку етаблирање на принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста, како еден од круцијалните фактори за просперитет на државата.

„Предлог буџетот на МВР за 2022 е со вкупна вредност од 10 милијарди и 410 милиони денари и е испланиран согласно развојната компонента за подобрување на работењето и реализирање на сите активности што се во надлежност на министерството, како и негово непречено функционирање и работење за остварување на основните стратешки приоритети и цели. Притоа, зголемувањето е обезбедено во ставките кои овозможуваат континуитет во градењето на современа и стручна институција и понатамошен развој на демократските принципи во полициското работење, согласно европските препораки и стандарди“, истакна министерот Спасовски.

Според него, преку реализација на вака проектираниот буџет ќе се остварат две основни цели, од кои првата е продолжување на воспоставениот концепт: полиција – сервис на граѓаните. Како дел од проектите од кои директен бенефит ќе има заедницата е продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици.

„За овие неколку години инвестираме многу во капацитетите на МВР, што резултираше со 63 целосно завршени реконструирани објекти на територијата на целата држава, што со децении не беа допрени. Притоа, сега веќе зборуваме и за имплементирани мерки за енергетска ефикасност, со што се создадоа не само квалитетни услови за работа на полициските службеници, туку и трансформација на објектите на енергетски план, поголеми заштеди и намалени емисии на штетни гасови. Еве, за илустрација, прегледот на трошоците за испорачана електрична енергија споредбено во 2017 и во 2021, во одредени сегменти зборува за 100% заштеда, односно вкупно, на ниво на МВР, станува збор за 5 милијарди и 376 милиони денари заштеда на финансиски средства, народни пари, што говори за домаќинскиот однос кој го остваривме со овие реконструкциски зафати. Значи, добивме ‘вин-вин’ ситуација“, посочи министерот Спасовски.

Министерот за внатрешни работи објасни дека со зголемен буџет за оваа ставка во 2022 за 100 милиони денари во споредба со минатата година, ќе се продолжи со градежните активности, и тоа најнапред во Центарот за обука Идризово, па Одделот за граѓански работи во МРТВ, кој практично го претставува лицето на полицијата пред граѓаните, како и изградба на Полициската станица Аеродром. Во предлог буџетот на МВР за 2022 испланирани се и средства за проектот „Автоматизирана идентификација на отпечатоци од прсти и дланка“, што влегува во групата на лабораториска опрема за новиот објект на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, кој ќе биде опремен согласно сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката, како и модернизација на летало на Одделот за воздухопловни единици на МВР, со најмодерна опрема за комуникација и опрема за гасење пожари.