Се извинувам, навистина длабоко се извинувам и на академик Ќулавкова и на читателите што во моите колумни не така одамна одушевено ја препорачував со наслов „Читајте ја Ќулавкова“.

Многу ми е жал што Академик Катица Ќулавкова ја повлече својата генијална мисла дека „цената на соживот ја плаќаме со живот“. Не поминаа ни три дена, а ете и официјално се обзнани дека коронавирусот во Македонија имал и национална и верска припадност. Се докажа нејзината видовитост, па навистина е голема штета што се откажа од својот стих – ремек дело со многу прозаични зборови – дека тоа е само нејзина лична работа јавно споделена и „нема никаква врска со меѓуетничката македонска ситуација.“

Има, има и тоа каква врска, муслиманите, Албанците, Турците, Ромите и други немакедонци ја шират ли шират смртоносната зараза. Ги убиваат Македонците со помош на власта во „ќенефот“ на Бранко Героски. Добро е што академик Ќулавкова не се извини за својата лична работа јавно обнародена, па така ми овозможи јас, како соучесник во ова злосторство и како немакедонец и поборник за соживот, да ѝ се извинам за ова злодело од планетарни димензии.

Тоа воопшто не ми е тешко, бидејќи досега многупати сум се извинувал за гревовите што сум ги направил кон македонскиот народ во период од шест века, поточно од цели 649 години, од 1371 година, од Маричката битка до денес.

И детските шлаканци болат

Првиот пат, додуша, не се извинив, туку како седумгодишно дете само плачев оти моите другарчиња од прво оделение ме натепаа со детски шлаканци кои многу болат. Учителката не’ однесе на кино да го гледаме Мис Стон. Кога заврши филмот некој од децата рече, веројатно за лична употреба, без лоша намера, „Ерол е Турчин“. Стоев вџашен додека ме удираа другарчињата. Уште ме боли душата кога ќе се присетам, а секогаш има по некоја будала да ме потсети на тоа дека сум различен. Се чувствував многу виновен, се мразев себеси. Тогаш и јас и тие дознавме дека сме биле под турско ропство.

Целата колумна на Ерол Ризаов за Дојче Веле на следниот ЛИНК