Во вечерашното издание на “Топ тема” на Телма телевизија, поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев, запрашан да открие како ќе изгледа третиот пакет економски мерки, со објаснување дека мерките се носени многу внимателно, со многу анализи со цел да имаат широк опфат и да ги заштитат сите граѓани кои се погодени од кризата, оние што останале без работа, како и оние од неформалниот сектор. Заев истакна дека 200 милиони евра е сериозна сума која навистина ќе помогне да се санираат неповолните економски последици.

“Мерките беа внимателно димензионирани и беа сеопфатни, што значи дека никој нема да биде оставен незгрижен.

Третиот пакет мерки кој е во најава е за заживување на економијата и јас исто така  учествував во неговото креирање.

Овој пакет има три димензии:

Прва димензија е приватната потрошувачка, односно ќе се вбризгаат пари по точно таргетирани категории на граѓани со цел да се поддржат пониските слоеви кои ќе купувааат домашни производи, ќе користат туристички ваучери и сл.

Втора цел на овој пакет е јавната потрошувачка, односно капиталните инвестиции, а тука се подразбира активирање на сите проекти кои се однесуваат на патишта, водоводи, гасификација, железница, се’ за што постои како проект ќе се стави на трака и ќе се активира.

Трето, ќе се зајакнат компаративните предности на македонската економија, односно нашето сонце, земјоделството, ИТ индустријата, што значи дека кризата ќе ја гледаме како можност на пример да плаќаме со картички, а кешот да го тргнеме, да се искористи оваа можност да се унапреди дополнително дигитализацијата во образованието итн.” – појасни Заев.