Поголема свесност за ризиците од користење виртуелните средства, градење посеопфатна регулатива, како и одржливост и постојано надоградување на системот проследено со унапредување на капацитетите во целост со цел да се обезбеди превенција и навремено откривање на перењето пари и финансирањето тероризам. Ова беа заклучоците од завршниот настан во рамки на Проектот за унапредување на капацитетите на Управата за финансиско разузнавање финансиран од Кралството Холандија, а имплементиран од Демокраси Лаб.

– Проектот има големо значење за зајакнувањето на капацитетите на Управата. Во рамки на истиот беа изработени индикатори за препознавање на сомнителни трансакции поврзани со финансирање на тероризам, како и стратешки документи за проценување на ризици од перење пари и финансирање тероризам кои преставуваат основа за понатамошно креирање на посеопфатна национална легислатива за виртуелните средства и давателите на услуги поврзани со нив. Притоа од голема важност е носењето на Предлог законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам чија цел е да го намали степенот на ранливост на националниот систем во справувањето со предизвиците коишто ги носат виртуелните средства, како и да создаде реални можности за заштита на платниот промет и стопанството во целост, а со тоа и целокупниот економски-финансиски систем од ерозија, истакна заменик министерот за финансии, Филип Николоски.

Воедно, потенцира Николоски, во рамки на проектот е имплементирана рестриктивната платформа на Управата за финансиско разузнавање како современа “Subtech“платформа наменета за субјектите кои применуваат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање на тероризам согласно законот, со што РС Македонија се издвојува меѓу државите од регонот и пошироко во препознавањето и користењето на новите технологии и искористувањето на придобивките од дигитализацита при исполнувањето на регулаторните барања и меѓународните стандарди.

На настанот се обратија и директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов, амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп и извршниот директор на Демокраси Лаб, Сефер Селими.

– Со проектот се овозможи усогласување на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам со ФАТФ препораките во делот на крипто средства. Со новиот закон што треба да се усвои на Собрание ќе се усогласиме со шестата европска директива во делот на крипто средствата која наскоро треба да се донесе а потоа и да се имплементира од ЕУ, што е во согласност со ФАТФ препораките, подвлече директорот на Управата, Трендафилов.

Амбасадорот Јан Коп, како едни од најзначајните постигнувања на проектот ги потенцираше „подготовката на анализа на ризик, компаративната анализа и препораките за регулирање на криптовалутите, воспоставувањето рестриктивна веб-страница за безбедна комуникација, ажурирањето на индикаторите за финансирање тероризам како и стратешката анализа и организирање регионална конференција со ФИО од целиот Западен Балкан“.

На денешниот настан посебни излагања преку призмата на оперативно-техничките активности во реализација на овој проект имаа и претставници на Управата за финансиско разузнавање.