-Кажано со обичен јазик, извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија бил лажна вест, а тој лично како претседател на партијата морал да се спротивстави на тоа.
Делува конфузно, а така и е. Никој не знае како ќе одлучат европските лидери на нивниот самит на 26 март, дали конечно ќе ги кренат портите за Македонија и Албанија. На прв поглед изгледа дека работата во голема мерка е завршена, но интересите на земјите членки (без оглед на сегашните поотворени најави) ќе се дознаат на самитот. Македонија навистина може да добие датум, но нема да биде неочекувано одлуката и да се одложи.
„Лична моја одлука”
Изјавата на Мицкоски има едноставно објаснување – тој стравува дека отворањето на преговорите на 26 март може сериозно да ги зголеми шансите за победа на СДСМ на изборите на 12 април. А една недела подоцна и конечно да заврши процедурата за ратификација на Протоколот за НАТО во шпанскиот Сенат (заедно со потписот на кралот) и тој документ да биде испратен во депозитарот во Стејт департментот. И на една седмица пред изборите официјално да се развее македонското знаме пред седиштето на НАТО.
Зоран Заев тогаш би можел да задоволно да каже – за безмалку три години ги завршив двете работи за кои сонуваа неколку генерации политичари од 1990 година, за кои добив многу клетви, станав омразен кај еден значаен дел од македонското ткиво за начинот на којшто го направив тоа, но успеав. Тоа не е мала работа. Но сепак, тоа не значи дека ќе ги добие изборите.
Што е она што изгледа дека го тера Христијан Мицкоски да се судира со истиот автомобил? Ако тој вели дека третирањето на извештајот на Европската комисија како лажна вест е „е конечна и лична моја одлука” тогаш оценувањето на политичкиот опортунитет може да ги премине границите на интересите на неговата партија. Можеби тој би сакал да ја стави во целосен ризик партијата за да може да каже дека ја извојувал клучната победа над Зоран Заев. Досието во политичката пресметка со Заев речиси целото е пополнето со политички порази. Како генерален секретар на партијата беше сведок на големиот пораз на локалните избори во 2017 година. Потоа, гледаше отстрана како течат преговорите за Преспанскиот договор, упатувајќи предупредувања дека историјата ќе му судела на лидерот на СДСМ и дека тој го предал македонскиот род. Потоа не му успеа да го спречи донесувањето на уставните измени и покрај сите притисоци врз одметнатите пратеници. Ја промовираше Гордана Силјановска-Давкова како кандидат за претседател кој сигурно ќе ги добие изборите. Дури одбиваше да помисли на поинаков исход. Можеби разбра, а можеби и не, дека одличниот резултат на Силјановска-Давкова во значајна мерка се темелеше на нејзиниот углед во многу граѓански средини, кои не се особено наклонети кон вмровската идеологија. Тој одличен успех на Силјановска-Давкова тој во голема мерка го протолкува како негов личен успех во обновата на растресената партија. Сега не сака ни да помисли дека би можел да ги загуби изборите на 12 април и покажува неверојатна нестрпливост да дојде тој датум. Ако може на некој начин и да се прескокне времето.
Нестрпливоста произведува грешки, како оваа со третирањето на извештајот на Европската комисија како лажна вест. Со таков однос не се добиваат неопределените гласачи или оние кои се уште размислуваат дали да излезат на избори. Но, кој знае, можеби има и други работи кои почнуваат да се тркалаат како некаква движечка сила во партијата кои ги поттикнуваат овие постапки. Според некои внатрешни вмровски извори зачудувачки пораснало влијанието на структурите блиски до поранешниот претседател Ѓорге Иванов внатре во партијата. Изборот на Наќе Чулев за технички министер за внатрешни работи е еден од тие сигнали. Не само поради тоа што тој повеќе години беше директор на Агенцијата за разузнавање именуван од Иванов, туку и поради тоа што тој во најтесниот круг соработници во МВР донесе луѓе од од истата таа Агенција. Тоа не е работа што им се допаѓа на многумина во високата вмровска номенкалтура. Тие како да гледаат дека некои работи се движат на друг колосек од базичните вмровски интереси.
Целата колумна на Љупчо Поповски за Дојче Веле на следниов ЛИНК.