Таман кога ќе помисли човек дека, барем привремено, сè е кажано и дека сите теми до формирањето на новата влада се потрошени – ќе се јави ДУИ со нова „генијална идеја“! Во Мала Речица мора да има некој труст на мозоци што не спие, во подрум ли ги чуваат како печурки, на норма ли се, можеби со некоја шарска лековита трева се мачкаат во пределот на слепоочниците, што ли е не знам, но луѓево не престануваат да произведуваат идеолошко-политички бравури како да се дојдени од некој друг свет од минатото, околу 16-17 век, плус-минус два века.

Имено, новата предлог „албанска платформа“ на ДУИ, потпрена врз „пет столбови“, неодоливо потсетува на дивата градба кај ТЦ Мавровка: дигната набрзина, „преку ноќ“, толку потполно вон здравиот, цивилизиран разум и наспроти СИТЕ законски и архитектонски стандарди и правила, што секој нормален човек (вклучувајќи ги и надлежните служби за рушење) е шокиран и затечен, бидејќи не е можно некој да е толку глупав, толку дрзок и со таков криминален ум да помисли дека тоа чудо, на таков начин направено, би му поминало несанкционирано и неурнато, на 150 метри дијагонално од главниот Кривичен суд во државава?!

Па, сепак, го изградиле.

Баш така наликува и „платформата“ на ДУИ: дрска и неука, личи на безобразен обид за насилна политичка „дивоградба“ наспроти СИТЕ демократски и здраворазумни принципи што може да се замислат во 21-от век! Познавам многу луѓе од ДУИ, а имам и неколку пријатели таму, и мислам дека е ова толку ниско и навредливо „предполитичко“ ниво на размислување за сите нив, што не доликува на партија која пледира дека го има албанскиот „интелектуален крем“ зад себе.

Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивил Медиа на следниот ЛИНК.