Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска при посетата на село Косел, охридско, каде традиционално се одгледуваат цреши, порача дека една од главните цели во претстојниот период во ресорот земјоделство ќе биде започнување на активности за заштитување на називите на нашите земјоделски производи и традиционални специјалитети.

“Денеска во село Косел, охридско, го посетивме овоштарникот на земјоделецот Јурген Стефаноски, кој со години наназад произведува цреши.

Во овој регион, се произведува нашата позната охридска цреша, којашто од 2017 година е првиот регистриран земјоделски производ со заштитена географска ознака.

Во насока на заштита на нашите земјоделски производи, правиме уште еден чекор. Денеска се објави Јавниот повик наменет за финансиска поддршка за изработка на елаборати и спецификации на регистрација за заштита на називот на земјоделските и прехранбените производи со „Ознака за потекло“, „Географска ознака“ и „Ознака за гарантиран традиционален специјалитет“.

Ние како земја имаме многу домашни земјоделски производи и традиционални специјалитети кои се надалеку познати, но досега не беа заштитени по примерот во европските држави. Затоа, си поставивме цел, со средствата од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година во износ од 1,5 милиони денари, да започнеме активности за да ги заштитиме називите на нашите земјоделски производи и традиционални специјалитети” – напиша Димковски.

ФБ статус на Трајан Димковски