Владата денеска ја дополни и Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба.
Сега таа ги опфаќа и студентите од третиот степен во високото образование, односно и студентите што се на постдипломски студии на возраст до 29 години.

„Измена и дополнување денеска е прифатена и за Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот за време на вонредна состојба, со што рокот за користење на финансиската поддршка на овие лица се проширува и за месец јуни“, информираат од Владата.
На денешната седница се донесени измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за примена на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица за време на вонредна состојба, со што се создаде можност физичките лица кои дале согласност за донирање на вратениот ДДВ во првиот квартал од 2020 година да го променат одговорот најдоцна до 30 јуни 2020 година и да се стекнат со право на враќање на ДДВ на нивните трансакциски сметки најдоцна до 30 јули 2020 година.

И по завршување на вонредната состојба останува мерката за ослободување од работа

„Оваа уредба е дополнета со одредба и заради поттикнување на прометот на домашни производи и услуги со што враќањето на ДДВ за промет на домашни производи и услуги се зголемува од 15 % на 20 %, а за останатиот промет враќањето на данокот се утврдува на 10 % од пресметаниот ДДВ искажан во фискалната сметка“,се вели во соопштението на Владата.