На 17 ноември, во интервјуто за „Топ Тема“ на Телма, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, меѓу другото зборуваше и за собраниската седница за гласање недоверба на Владата на 11 ноември, неуспехот на опозицијата да обезбеди мнозинство и отсуството на пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи.

Мицкоски прво вели дека е тоа лична одлука на пратеникот кој се премислил, дека ја почитува и нема повеќе намера да зборува за неа:

„…Фактот е дека имавме 61 потпис од пратениците коишто заедно со допис беа доставени до претседавачот во парламентот. Во меѓувреме, еден од тие пратеници одлучил, ете да верува во тие вредности во кои самиот тој кажува и да не се појави на седницата… / Но, во ред, ете тој се премислил, одлучил да постапи така како што постапил, и јас го почитувам тоа и немам намера повеќе што да зборувам по таа негова постапка…“

Но, неколку минути подоцна, Мицкоски повторно почна да тврди дека пратеникот не се премислил, туку дека бил киднапиран:

Мицкоски: Не велам дека не е легитимно вие да киднапирате пратеници, потоа да им давате текстови да читаат пред камера на бела позадина, па потоа да ги убедите да излезат во јавност, и така натаму…

Новинар: Па имате доказ за тоа?

Мицкоски: Јас доказ немам. Јас доказ немам, но имате ли вие доказ дека не било…?“

Инаку, ова не е првпат во овие денови Мицкоски да си противречи сам на себе за ова прашање. Да потсетиме, тој беше дел од опозициските политичари кои од 11 ноември и недоаѓањето на Реџепи во Собранието тврдеа дека тој бил киднапиран и дека заради тоа нема мнозинство за гласање на недоверба на владата.

„Динамичен ден. Киднапиран пратеник, криминал, уцени, срам, и нормално најголемата желба на СДСМ-ДУИ да ме немало во политиката…“ – објави Мицкоски на Фејсбук вечерта на 11 ноември, по видео-обраќањето на пратеникот Реџепи, а пред завршувањето на седницата за гласање на недоверба на владата.

Целиот текст на Петрит Сарачини за Цивил медиа на следниот ЛИНК.