Во овие кризни моменти, обично владите и банките ги имаат главните аргументи за евентуално санирање на претпоставените последици од Коронавирусот врз економските движења.

За илустрација – претседателот на американските федерални резерви изјавува дека САД можеби се веќе во рецесија. Дел од банкарите предвидуваат дека е возможна инфлација од налетот на најави дека ќе се печатат 2 илјади милијарди долари во Америка, 1,3 милијарди во Германија. Каде е Македонија со скромните буџетски ресурси и првиот бран на зафат на прилично лошите економски предиспозиции за одредени секундарни дејности во економијата.

-Она што владата го објави како прв пакет мерки беше коректно. Но до денес помина време во кое што и бизнис секторот и бизнис јавноста беше во очекување на нов сет на на мерки, бидејќи имаше еден начелен консензус дека е потребно нивно продлабочување. Оваа индуцирана, наметната рецесија, половина од нашата економија не работи, а еден голем дел е во значајна забавеност. Тоа се чувствува и во технолошките зони каде што компаниите се дел од глобалните синџири на снабдување. Така што се повеќе доаѓа до израз дека на економијата и треба помош, изјави за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, универзитетскиот професор од Американ колеџ Марјан Петрески.

Штом помине здравствената криза, ќе има постепено опоравување на економската активност во земјата.

-Потребата од помошта на економијата се сведува на тоа да се зачуваат работните места. Имаме луѓе работници кои што седат дома, а имаме компании заглавени во недостиг на ликвидност. Тоа значи дека инфузијата од државата е потребна во тој дел за да се помогне во ликвидноста додека се разреши здравствената крива. Штом тоа се разреши ние ќе имаме постепено опоравување и на економската активност односно нејзино повторно воспоставување.

Многу е јасно дека колку се трудиме од здравствен аспект да ја спуштиме кривата, толку ќе биде и подлабок падот на економската активност, затоа што подолго ќе ја чуваме економијата „затворена“. Се повеќе ќе се зголемува потребата тоа да се финансира. Сега сме на почеток на април и мислам дека првите сериозни знаци на ликвидноста на буџетот ќе се согледаат токму сега и тие ќе се продлабочуваат. Но до каде сето тоа ќе оди е несериозно да се дискутира – затоа што јас од аспект на економија не можам да знам колку брзо ќе се разреши здравствената криза, изјави Петрески и додаде дека е многу важно државата да ја поддржи ликвидноста на фирмите за тие да може да ги исплаќаат платите кон вработените и со таквиот поттик да направи да не се раскинуваат договорите со вработените, за кога ќе се разреши здравствената криза тие веднаш да бидат ангажирани во производниот процес, вели Петрески.

Во поглед на ликвидноста на банките, Петрески смета дека нема простор за загриженост и дека тоа е укажано и од Централната банка и од Минстирството за финасии, односно дека тие се соодветно капитализирани и со соодветен степен на ликвидност за да можат да одговорат на оваа криза.