Уште еднаш да кажам. Вака никој не се однесува како што Мицкоски и опозицијата се однесуваат. Политичари треба да имаат збор, аргумент. Тоа е нивното оружје, тука е нивната шанса. Сите ние пораснавме на протести, на улица, во политички лудила, во кавги и конфликти. Пораснавме во мини политички револуции, што локални, а што национални. И научивме дека дијалогот е важен. И затоа велам дека Мицкоски не смее да бега од Собрание.
Никој не смее повеќе да решава политика на улица. На улица нема аргументи, нема зборови. Друго, сериозна опозиција не смее да си дозволи да бојкотира избори. Тешко е? Тешко е. Играш ватерполо со најголемите политички пливачи а се жалиш на ладна вода.
Од друга страна, одевме по улици со години за да го вратиме политичкиот дијалог, а опозицијата бега од дебата и не учествува на избори. Неколку пати луѓе кои припаѓаат отворено на страната на Мицкоски откажуваат дебати и со мене затоа што аргументот е: “ќе се истепаме со тој Јовановиќ”? Па на што тоа личи, каква е таа одговорност?
Сепак, останав и се’ уште останувам да се борам, не само јас, многу луѓе како мене. Сешто ни е речено, компромитирани се нашите меѓусебни односи, и сепак велам – треба да продолжиме да зборуваме, да дебатираме и нудиме аргументи. Ние сме упатени едни на други, не мораме да се сложиме, ама мораме да зборуваме. Тоа е мое право, како што е било чие право некој да не се сложува со моите ставови. Ама мораме да зборуваме!
Мицкоски направи стратегија на луѓето да им се згади се’. И уште прават идиотски притисоци за рушење на владата. Денес имаме мнозинство, утре имаме мнозинство. Такви бесмислени пораки се штетни за целото општество.
Како мислат да рушат влада? Па таа влада има договори со фирми, некои работи се движат, некои луѓе работат на проекти, од тие работи луѓето плаќаат кредити, отплаќаат хипотеки, хранат семејства, делат плати на вработени, плаќаат даноци, се лечат, растат деца… Како тоа да рушиме влада? Па не ја рушат владата, туку рушат десетици, а можеби и стотици илјади конкретни луѓе. Јас не знам како немаат свест за тие работи.
Само за да му наштетат на Заев, сакаат да срушат цел еден свет. Притоа, сигурен сум дека кога би им се пружило шанса, би ги рушиле сите односи со соседите кои сите знаеме дека не се лесно донесени. Не се прави Преспански договор секоја година. Такви договори се прават еднаш на 50 или 100 години.
Можеме ли да сфатиме каде бевме 2015 година, а каде сме денес? Па земјава е излезена од дупка, излезена е од напетост, излезена е перманентен конфликти, и влезена е во некоја релативна стабилност која нуди надеж, шанса која може да ја прокоцкаме уште утре.
Нека најдат сила во себе да се реформираат, нека се обидат да се дефинираат идејно и политички. Ако ова вака продолжи и во иднина, Заев ќе јакне, а опозицијата ќе слабее и ќе се раскапува. Не се боревме за тоа. Се боревме за Европа, човечки права, конструктивна и јака опозиција. Ако немаат снага да се променат, нека се повлечат од политичката сцена и нека пуштат простор за некои други луѓе и политики. Вакви какви се, лоши се за себе, а камо ли за други луѓе и опозициони политики.
ФБ статус на Ненад Јовановиќ