Наместо откажување од патриотизмот, одговорното политичко водство треба да конструира и афирмира интегративен патриотизам соодветен за 21. век

Додека ја пишувам колумнава на една од телевизиите тече дебата за една од горливите национални теми – нашиот наспротив бугарскиот концепт за македонштината. Како да има само еден единствен бугарски и само еден и единствен наш, македонски концепт за прашањето за националноста, на пример, на Гоце Делчев, или за националната сопственост над македонскиот јазик и други слични прашања. Дека не е така, дека општествените, историските и конкретно идентитетските теми се отворени за различни концептуализации можевме да се уверивме и од отвореното писмо на групата бугарски интелектуалци против меморандумот на нивната влада со кој се условува почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.

Тоа покажува дека како што нема една и единствена македонска така нема ниту една и единствена бугарска концепција во однос на македонскиот идентитет. Во врска со тоа се прашувам дали застапниците на алтернативните вистини за македонскиот идентитет кај нас и во Бугарија, но и општо се помалку патриоти од гласноговорниците на официјалните вистини? Всушност, прашањето ми е за местото на патриотизмот во политиката во 21. век кај нас и во светот.

Според сознанијата на истражувачите на т.н. „патриотизам оздола“ патриотизмот во 21. век не се потпира исклучиво на традиционалните форми на приврзување за националната душа и херојска историја туку се храни од динамиката на современите општествени процеси. Патриотизмот во 21. век не е ексклузивно обликуван од колективизмот на оваа или онаа тоталитаристичка политика туку и од самиот либерализам. Уставниот патриотизам, на пример, на Германецот Јирген Хабермас ги подразбира различните индивидуални и групни аспирации и форми на колективен идентитет. Тие се остваруваат во услови на отворен пазар на стоки, услуги и идеи.

Патриотизмот е еден вид резидуална идеја. Ако таа се отфрли од државата како демоде или заостаната идеја од минатото, неа ќе ја негуваат граѓаните. Баналноста на секојдневното човечко, малограѓанско живеење ќе се обликува во банална граѓанственост, а оваа пак во т.н. банални национализми. Затоа, наместо откажување од патриотизмот, одговорното политичко водство треба да конструира и афирмира интегративен патриотизам соодветен за 21. век.
Целата колумна на универзитетскиот професор Ило Трајковски за Независен прочитајте ја на следниов ЛИНК.