Гласам, значи постојам! Гласај и Ти!

Се сеќавам, непосредно пред изборите во јули 2006, група интелектуалци повикаа на „активен бојкот“ со пречкртување на ливчето. Повикот за бојкот предизвика најголем процент на неважечки ливчиња од оние што гласале (десетици илјади повеќе неважечки ливчиња), но и најслаб одѕив (десетици илјади што бојкотираа „активно“ дома).
На изборите со „активен бојкот“ победи Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 303.543 гласови и 45 мандати. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои речиси ист број гласови како во 2002 (299.179), но тогаш беше голем губитник, а во 2006 стана голем победник со 12 мандати повеќе, што и овозможи составување на влада.
Приказната натаму ни е попозната како „Грујоумие“. Во тоа 11-годишно Грујоумие некои од „интелектуалците“ кои во 2006 повикуваа на бојкот станаа бранители на режимот кои во ситни саати гостуваа по телевизии за да го бранат упадот на специјалците во А1 како демократски чин во борбата против криминалот. Во годините по политичкото „предавство на интелектуалците“ од 2006 некои се опаметија и сфатија што направија, а некои воопшто не сфатија.
Во годините на Грујоумието како граѓански активист учествував во различни форми на активизам кои имаа за цел остварување на граѓанското право да избираш и да бидеш биран. Паметам дека на трибините на ГЕМ во 2011 настапувавме со слоганот „ГЛАСАЈ И ТИ“, заедно со Владимир Милчин, Бранко Героски, Никола Гелевски, Мерсел Биљали и Роберто Беличанец. Паметам дека Фондацијата „Отворено општество“ и претходно („Моќта е во народот“ – 2002), а и подоцна, поддржуваше кампањи за мотивирање на гласачите или за зголемување на излезноста на гласањето. Во некои и самиот сум учествувал, како кампањите „Заслужуваме подобро“ (2015) и „Ние одлучуваме“ (Гласај по свое! Само ти знаеш за кого ќе гласаш!) (2016). Паметам и други граѓански кампањи со слогани „Гласај за што сакаш“ и „Гласам Значи постојам“ (Цивил, 2018), и „Ако имаш мислење, гласај!“ (ФООМ – 2020).
Затоа, јавните повици или констатации дека граѓаните немале да излезат на избори зашто немале избор немаат ништо заедничко со неколкудеценскиот граѓанскиот активизам кој го опишав погоре. Ваквите повици на бојкот потсетуваат на „предавството на интелектуалците“ кои го извршија во 2006, а по кое Македонија западна во децениска диктатура.

ФБ статус на Жарко Трајаноски