Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во ек на откупот на јаболка, денеска во Ресен со производителите на јаболка разговараше за состојбата со продажбата на јаболка, и за новиот модел на финансиска поддршка за овоштарството.

Со ​ новата пилот мерка, производителите на јаболка за прв пат оваа година, ќе имаат две исплати, една по Програмата 2021,и една авансно од 12 000 денари по новата Програма за финансиска поддршка во земјоделството 2022, истакна Николовски.

„Со зголемување на износот за кофинансирање на мерката за зелена нафта, им помагаме на производителите на јаболка да имаат порентабилно производство.​
Наскоро започнува и реализацијата на проектот на Светска банка, преку кој тука во Ресен, но и во Скопје и Струмица ќе се изградат современи откупни центри, кои се од големо значење за земјоделците од овој регион, и за трговијата“, посочи Николовски.

Николовски потенцираше дека со крупни реформи преку нови законски решенија ​како Закон за уредување на пазарите, Закон за директни плаќања, Закон за рурален развој, Закон за советодавни услуги, Закон за осигурување и други закони, се усогласува македонското со европското земјоделство.

„Продолжуваме заеднички да​ креираме ефикасни политики, да​ носиме брзи одлуки за да имаме брзи и конкретни резултати“, нагласи Николовски.