„Демократскиот сојуз ги осудува последните закани и напади против физичкиот интегритет на новинарите Љупчо Златев од Економски Лидер и Мирослава Бурнс од Слободен печат и ги повикува надлежните органи да ги откријат напаѓачите и жестоко да ги казнат. Брзото откривање на сторителите е од највисок интерес зашто во двата случаи е јасно дека станува збор за загрозување на слободата на печатот и обид за замолчување на истражувачките новинари кои откриваат злоупотреби на функционерите на власта, корупција и организиран криминал.

Нападите против новинарите не се својствени за демократско општество и за држава која треба да ги отпочне преговорите за членство во Европската унија поради што ги повикуваме политичките елити од власта и опозицијата да престанат со сатанизирачкиот политички вокабулар кој за радикалните поединци и недопирливи структури од подземјето е сигнал за физичка пресметка со неистомислениците. Демократскиот сојуз го поддржува ЗНМ во барањето законски измени нападот врз новинари да се смета како напад врз службено лице и соодветно ригорозно да се казнува.

Истовремено потсетуваме дека ДС во својата програма предвидува Фонд за проверка на фактите и истражувачко новинарство од 1,5 милиони евра од буџетот годишно кои ќе бидат наменети за борба против лажните вести и за откривање највисоки облици на криминал и корупција кај функцуонерите. Слободата на печатот и заштитата на новинарите се врвен приоритет во едно демократско општество и очекуваме лошата слика и пракса во Македонија веќе да не се повторува“, стои во соопштението на Демократскиот сојуз.