Неделата на интегритет е иницијатива која делува во текот на целата година, поттикнувајќи ја свеста за важноста на интегритетот и етичкото однесување. Иницирана е од канцеларијата на Интернационалната стопанска комора од Холандија во 2016 година. Во текот на неделата на интегритет, засегнатите страни преземаат заеднички активности за да ги направат своите држави посвесни за важноста на интегритетот, но и да ја интензивираат борбата за справување со корупцијата. Владите, деловната заедница и граѓанското општество учествуваат преку развој на сопствени иницијативи за време на Неделата на интегритет.

Оваа година до Интернационалното жири пристигнаа над 70 номинации за Наградите за интегритет во 2020 година, од кои се одбраа најдобрите иницијативи и лауреатите кои ја одбележаа годината.

Претседавачот на Актикорупциската коалиција, Љупчо Николовски кој е Заменик Претседател на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси е носител на Наградата за интегритет за 2020 година за извонредните напори во борбата за справување со корупцијата низ добро управување.
Вицепремиерот Николовски во 2020 година успеа како лидер на Антикорупциската коалиција која ги обединува сите релевантни засегнати страни кои делуваат за искоренување на коруптивните практики, да постигне значајни резултати на национално и меѓународно ниво со отпочнување со примена на препораките на ОЕЦД, спроведување на препораките на Греко, како и имплементација на најдобрите светски практики за воведување на ИЦЦ Антикорупциската клаузула во договорите при јавни набавки со што ќе се влијае на намалување на коруптивното однесување и практики во јавниот и приватниот сектор.

Награда за интегритет за 2020 му беше доделена и на Дирк Јан Коп, амбасадорот на Кралството на Холандија за исклучителни достигнувања и поддршка кон интегритетот и владеењето на правото. Амбасадорот Јан Коп и Кралството на Холандија во изминатите години го поддржаа воспоставувањето и организирањето на Неделата на интегритет во нашата земја. Со нивна поддршка се реализираа и други активности и проекти насочени кон едукација за спречување на коруптивно однесување.
Извор: Слободен печат