Најостро ги осудувам заканите и насилството од кој било вид, насочени кон новинарите и медиумските работници, напиша претседателот Стево Пендаровски на неговиот Фејсбук профил.

Тој нагласи дека е потребно новинарите и останатите медиумски работници да бидат ослободени од страв, со цел непречено да ја извршуваат својата работа.

– Изминативе денови сме сведоци на физичко и вербално насилство и закани на социјалните мрежи. Ги повикувам надлежните институции веднаш да спроведат истраги и соодветни дејства и што поскоро да ги решаваат ваквите случаи, посочи Пендаровски.

Претседателот истакна дека критичката мисла на јавноста е значаен показател за степенот на развој на демократската дебата.

– Не смееме да дозволиме да се загрозува слободата на информирање. На новинарите да им се овозможи да работат за јавниот интерес, со што граѓаните ќе можат да го остварат своето право на слободно и навремено информирање, наведе Пендаровски.

Имено, вчера новинарката Мирослава Брнс на нејзиниот Фејсбук-профил објави фотографии од свадба во Тетово, што во овој период е забрането поради епидемијата од коронавирусот. По објавата, како што наведе таа, и биле упатувани закани по нејзиниот живот, за што мораше да реагира полицијата и да и го обезбедува домот.